Нашата градинка дел од Националната платформа за е-учење и игра
Нашата градинка активно учествува во креирањето на Националната платформа за е-учење која е подготвена од МТСП во соработка со УНИЦЕФ. На е-занимална веќе се достапни видеа со разработени воспитно-образовни содржини подготвени од Снежана Гуцуљ, воспитувач од Матичниот објект.
„Запознавање со птиците кои се вратија во нашиот крај“ – Говорна игра
Разговорот со детето започнете го за годишното време што пристигна – пролетта, а со тоа и за промените во природата, како и враќањето на птиците кај нас од топлите краишта. Потоа заедно со детето разгледајте ги дадените слики и поведете разговор за истите.
,,Игри со балони” – потскокнување / Подвижна игра
Надувајте неколку балони во повеќе бои, па и големини. Поттикнете го детето да ги именува боите – црвен како мојата блуза, зелен како тревата, жолт како сонцето и сл. Направете кратка споредба и во големините (кој е најголем, а кој е најмал).
„Како се чувствувам кога се смеам“ – Разговор пред огледало
Застанете со детето пред огледало и почнете да правите смешни ликови, гримаси. Може да користите и некои реквизити, на пр. шешир, очила, машна и сл. Забавувајте се и смејте се. Потоа поведете разговор со детето – прашувајќи го како се чувствува додека се смее. Поттикнете го да го опише чувството, да посочи со раката каде на сопственото тело ја чувствува радоста – на стомачето, околу срцето, на образите итн.
„Мојата смешна маска“ – Игра со колаж хартија
Поттикнете го детето, преку разговор за значењето на Денот на шегата – 1-ви април, заеднички да изработите маска – за која е потребно да имате картонска чинија, колаж хартија и сламка. Картонската чинија исечете ја на половина, а детето нека одбере кој лик сака да биде на неговата маска (куче, маче, мече, зајче и сл.).
„Ластовичка“ – Манипулативна игра
Детето ги сече со ножички, формите дадени на шаблонот, а потоа со молив ги копира соодветно на црната и на белата хартија и повтоно сече по контура. Поттикнете го детето вербално да каже што сече (крилата на ластовичката, клунот и сл.).
„Усвојување и препознавање на бројот 4“ – Математичка игра
Четири е многу важен број! Направете да е забавно со бројот 4! Играјте со бројот 4! Играјте говорна игра и прашајте го детето колку годишни времиња има, колку страни на светот има – исто така, мачето, кучето, волкот, лисицата колку нозе имаат, да го препознаеме бројот 4 на часовникот и сл.
“Смеењето е здраво” – Насочена активност
Прочитајте му го текстот на детето и покажете му ги сликите од текстот. Разговарајте за содржината – дали го разбрал, може ли дејството во текстот да си го претстави мисловно, да ги искаже своите чувства додека го слушал текстот (смешно, изненадено, замислено…).