Учиме да зборуваме со рачиња и го одбележуваме Меѓународниот ден на знаковниот јазик

Децата/лицата кои имаат оштетен говор и/или слух и не можат добро да се изразат на вербален начин, го користат знаковниот јазик (освен пишаниот јазик). Со него именуваат и раскажуваат за предмети, настани и чувства, пренесуваат знаења, градат пријателства, како и луѓето кои го користат вербалниот говор.

Обединетите нации  кон крајот на 2017 година го прогласија 23 септември за Меѓународен ден за подигање на свеста за значењето на знаковниот јазик како човеково право на глувите и наглувите лица, со што пристапот до знаковниот јазик и услугите на знаковен јазик, вклучително и квалитетно образование, е од витално значење за растот и развојот на глувото дете/лице и ја препознава важноста на зачувување на знаковните јазици како дел од јазичната и културната разновидност.

По тој повод, дечињата од големите групи , се запознаа со знаковниот јазик преку обработка на сликовницата – Јазикот на Сара. Децата играа пантомима, погодуваа предмети, цртаа или изработуваа подарок за другарче, а воедно научиња дека обраќањето кон децата/лицата кои се глуви треба да биде со нормална висина на гласот, со средна брзина на зборување, без специјално движење на устата за нагласување на зборовите и без прекривање на устата или лицето затоа што многумина од нив научиле да „читаат“ од усните и од фацијалната експресија на соговорникот.

Овие деца/лица може да прават многу работи што ги прават и оние кои немаат таков вид на попреченост. Во многу сфери на делување кои изгледаат на прв поглед невозможни за овие лица, забележани се фантастични примери (на пр., Бетовен и неговото компонирање музика и покрај тоа што имал оштетен слух).

Подолу може да ги погледнете фотографиите од прекрасното дружење со дечињата и видеото кое може да го погледнете заедно со Вашето дете.