Како дел од проектот “Учиме за собирање и рециклирање на отпадно масло за јадење”, кој го реализира “Суниленс” – лиценцирана компанија за управување со отпадни масла во соработка со Здружение за едукација, комуникација и консалтинг ОХО, со децата од големите групи се реализираше работилница, преку која научија дека отпадното масло доколку не се менаџира правилно – ја загадува природата.
Се реализираа неколку истражувачки активности, при што децата забележаа дека солта и шеќерот се раствораат во вода, а зејтинот при мешање со вода не се раствора – туку останува горе на површината. На крај се донесе заклучок дека отпадното масло треба да се собира во посебни кантички и да се рециклира, со што ќе придонесеме да се зачува природата и да не се загадува.
Целта на овој проект е децата уште од најмала возраст да научат дека отпадното масло за јадење од домаќинствата треба да се собира и рециклира, а не да се истура насекаде.