Настанот реализиран на ден 23.12, беше повод – Министерката за труд и социјална политика – Јагода Шахпаска, заедно co градоначалникот на Општина Центар – Горан Герасимовски, со заменик амбасадорката на Велика Британија во земјава – Џулија Смит и претставничката на УНИЦЕФ во државата – Патриција ди Џовани да присуствуваат на презентација на „Програмата за социјална кохезија и културен дијалог“, во Матичниот објект на нашата градинка.
Препознавајќи ја важноста на раното учење и развој, Министерството за труд и социјална политика започна реформа на секторот за ран детски развој со цел да се зголеми пристапот и подобри квалитетот на предучилишното образование во земјата. Во соработка со УНИЦЕФ и Британската влада се овозможи поддршка за воспитувачите во предучилишните установи и социо-емоционалното учење.
Менторската поддршка од страна на воспитувачите за колегијална поддршка кон останатиот воспитен кадар има големо значење. Дел од тој тим беше и нашата воспитувачка Снежана Гуцуљ, која го водеше настанот. Таа им помага на останатите воспитувачи во совладувањето на социо-емоционални стратегии – кои базирани на истражувања, имаат за цел да ги задоволат специфичните развојни потреби на малите деца.
На презентацијата покрај директорката, воспитниот и стручен кадар од градинката, присуствуваа и родители и деца. Се со цел на интерактивен начин да им се приближат неопходните алатки за социо-емоционален развој на децата, бидејќи програмата предвидува и вклучување на семејствата во целиот процес – со што децата ќе продолжат наученото во градинка да го практикуваат и дома.