Песничка ”Балон на марс“ – Eма Кипријановска – Поточиња 2016 год.

Наслов на активноста: Песничка ”Балон на марс“ – Eма Кипријановска – Поточиња 2016 год.

Цели на активноста:

-да се оспособат децата за активно слушање на музика

-развивање интерес и љубов кон слушаната музика

-препознавање на карактерот и видот на слушаната музика

Тек на активноста:

Активноста започнете ја со разговор со вашите деца за планетите. Разговарајте колку планети има, како се викаат…. Може да користите и илустрации, слики за да може детето полесно да ги запознае и препознае.

Најзастапена форма на музицирање кај децата секако е детската песна, која влијае врз развојот на музичките способности: слухот, ритамот, културата на гласот. Веселата и разиграна песна – буди радост и оптимизам кај децата, а смирената и тивка – создава мирна атмосфера и пријатен однос кон средината.

Улогата на песната е значајна за создавање на културни навики. За време на пеењето, децата седат или стојат исправено со спуштени рамена, благо подигната глава, а дишењето е претежно преку нос. Потребно е мелодијата да се пее точно и секое пеење да е со јасна дикција на литературниот текст. Пеењето треба да биде емотивно и певливо, со едноставна интерпретација.

Мимиката која придонесува за интерпретацијата, треба да дојде до израз. Во текот на пеењето потребно е да се обрне внимание на точната дикција. 

Во воведниот дел на активноста најчесто се применуваат приказни, разговор, слики, цртежи, апликации – со цел зголемување на интересот за содржината што следи. Потоа се пее целосно песната. На тој начин се воспоставува првиот контакт со песната и се овозможува доживување на музичката содржина.

Потоа следи повторување, во бавно темпо, со јасна дикција и благи движења во ритамот на песната. За утврдување на песната, потребно е повеќекратно повторување (вежбање), односно потребен е подолг временски период.

Драги родители, во прилог ви ја праќам песничката – Балон на марс, која можете да ја најдете на You Tube каналот и обидете се заедно со вашите деца да ја научите.

Ви посакувам пријатна забава! 

Подготвил: Музички педагог – Златица Кратовалиев