Наслов на активноста: (2 – 4г.) Кој што работи на фарма?
Цели на активноста:
– Запознавање со грижата на човекот кон животните
– Да се воведе детето во опишување, раскажување, прераскажување на впечатоците
– Воспоставување на контрола на движењето на дланките и прстите
– Запознавање со домашните животни, развивање на љубопитноста и интерес за животните (каде живеат, кој ги одгледува, со што се хранат)
Потребен материјал: картон, шпатули, ликовен материјал, играчки животни, апликации и слики од домашни животни и др.
Тек на активност
Животните кај децата имаат навистина позитивно влијание во нивниот живот. Па така тие од најмала возраст се заинтересирани најмногу за животните, било да се домашни, шумски или поларни.
Активноста започнете ја преку разговор за тоа кои животни се домашни, поттикнете го детето да ви ги наброи, а потоа вие со помош на апликации и слики покажете му ги и објаснете му каде живеат, каква храна јадат и пред се кој се грижи за нив. Нека ви ги именува боите на домашните животни, на пример коњчето има кафеава боја, пилето е со жолта боја, овцата има бела боја…Што се добива од домашните животни? Заедно со вас, на забавен начин преку гласовна имитација, обидете се да правите како се огласувааат животните.
На фармата секој работи различна работа. Фармер е чичко кој се грижи за фармата (за шталите и работата во полето). Фармерот ги негува, ги храни животните, а тие за возврат му даваат млеко, јајца, волна…..кои што ги носи и ги продава на пазар. Живинарот се грижи за птиците и нивните јајца на фармата. Млекарот е човек кој што ги молзе кравите и овците, а потоа го носи млекото во млекарница. Ковачот ги подготвува потковиците и ги става на копитата на коњите, за полесно да се движат. Коњушарот работи во ергелата и се грижи за коњите. Живеалиштата на коњите, треба да бидат чисти, коритата полни со сено, а коњите добро нахранети. И да не заборавиме кој се грижи за животните кога ќе се разболат и им помага да се родат нивните младенчиња – па секако тоа е ветеринарот – лекарот за животните.
Предлог игри: / Понудете му на детето апликации и слики од домашни животни, а на друга страна што даваат тие. Нека ги поврзе и спои (кравата – млеко, кокошката – јајца, овцата – волна…..и сл.)
/ Изработете макета – фарма со детето. Употребете ги играчките со домашните животни, исто така потребен ќе ви биде картон, штипки, шпатули и изградете живеалишта за животните. Бидете кретивни и внесете весела атмосфера во изградбата на фармата.
Подготвила: Силвана Бошковска – Ќулавковска