(2 – 4г.) Дарови од домашните животни 

Наслов на активноста: (2 – 4г.) Дарови од домашните животни 

Цели на активноста:

– Да се развива способноста за слушање, разбирање и доживување на содржината на расказот

– Да се воведува детето во користење на говорот како средство за изразување на своите мисли, чувства и доживувања

– Да се поттикнува способност кај детето за раскажување на сопствените впечатоци и размислувања по слушаната содржина

– Да се збогатува речникот со нови зборови

– Стекнување сознанија за корист – полза од домашните животни

Потребен материјал: слики, апликации, сликовници, сложувалки за домашни животни, слики од производи од домашни животни, работни листови, дрвени боици

Тек на активноста :

Разговарајте со детето по дадените слики и поттикнете го да каже што гледа, препознава и воочува. Нека ги покажува и именува домашните животни, поттикнете го да размислува за тоа што се добива од некои од нив. Прашајте го на пример: што се добива од кокошката, а што од кравата, охрабрете го да ви одговори. Потоа спонтано одете на вашето катче за читање приказни, сместете се удобно и кажете му дека ќе му го прочитате расказот:

 Дарови од домашните животни

/Читајте полека без брзање и одвреме, навреме правете кратки паузи, менувајте го ритамот, висината, силината на гласот, запазете ја интерпункцијата, следете го изразот на детското лице./

Бабата ги повика сите на појадок. Кога дојдоа до трпезата, Оља и Михајло широко ги отворија очите, се слушна силна воздишка на задоволство. Двајцата во еден глас извикаа :

–  Леле, колку богата трпеза! Ајде да видиме се што има?

– Јајца, сирење, јогурт… Оља, само добро погледни –  возбудено зборуваше Михајло.

–  Да, трпезата е богата, еве погледни кашкавал, топло млеко и лепче – додаде Оља.

Бабата и дедото со љубов ја гледаа радоста на своите гостинчиња.

–  Од каде е сето ова богатство? – праша Михајло.

– Е, деца, сета оваа храна е од нашиот имот, поточно од нашите домашни животни… тие се многу дарежливи – одговори баба им.

– Ова е одлична работа, секој ден полна трпеза, благодарение на домашните животни – дополни Оља.

– Домашните животни умеат да не наградат со убави дарови, но дали знаете дека тие со ова ни возвраќаат за нашиот вложен труд и грижа – дополни дедото.

Оља и Михајло седнаа да појадуваат. Задоволството не се симнуваше од нивните лица. Среќни беа и бабата и дедото, затоа што ги гледаа своите внучиња како убаво јадат.

По вкусниот појадок, децата продолжија да истражуваат – се што има во дворот на нивните дедо и баба.

Откако ќе го прочитате расказот, со прашања и одговори проверете колку ја разбрало содржината на истиот. Објаснете ги непознатите зборови и прашајте го дали сака да го раскажете или прочитате уште еднаш.

За утврдување на стекнатите информации, играјте игра на поврзување: Од кое животно што се добива!

Охрабрете го детето да истрае во играта, пофалете го, направете да се гордее со своите постигнувања. Тоа се ваши заеднички успеси.

Ви посакувам пријатна забава!

Подготвил: Воспитувач – Мира Георгиевска