Наслов на активноста: (4 – 6г.) “Без сонце –нема живот“
Цели на активноста:
- да се поддржува детето во настојувањето да изведува посложена задача ако покаже интерес за тоа
- развој на способност за просторно ориентирање и вербално искажување на односите (подалеку од – поблиску од, помало-поголемо)
- да се поттикнува кај детето иницијативност при избор на материјалите за учечките и истражувачките активности
- поттикнување способност за користење на математички поими и операции во опкружувањето
- усовршување на око-рака координација.
Потребен материјал: глобус, стиропор, пластелин, различен ликовен материјал,
Тек на активноста:
Најпрво поведете разговор со Вашето дете, на тема – Што за него претставува Сонцето?
Откако ќе ги слушнете неговите размислувања на оваа тема, прочитајте му го следното, а потоа и разговарајте за истото….
Си се запрашал ли некогаш како би изгледал светот и што би се случило со нас ако го нема Сонцето?
Прва и основна работа што ти ја овозможува Сонцето е сила и енергија за станување од кревет и започнување на секој нов ден. Тоа ти помага и во јакнењето на твоите коски со помош на витаминот Д, кој се создава во телото под влијание на сончевите зраци. Исто така, кога не си добро расположен, Сонцето ти помага да се насмевнеш и расположиш малку.
Кога би го снемало Сонцето на нашата планета Земја, би настапила темнина. Студот би настапил и би траел нешто подолг временски период. Без Сонцето и неговите зраци, не би постоеле и растенијата, од кои пак се хранат животните, но и луѓето. Сигурно знаеш кои се тие растенија?! Тие се твојот омилен овошен оброк од банани и јагоди или пак твојата зеленчукова салата…
Исчезнувањето на Сонцето, сепак, најдрастично би се одразило во вселената и просторите каде што твоето око не допира и не догледува. “Вртејќи“околу својата оска, Земјата истовремено врти и околу Сонцето, кое со својата сила ги држи заедно сите планети. Без оваа сила од Сонцето, Земјата и сите други планети едноставно би се “разбегале” низ вселената. Значи и самата помисла на живот без Сонце е невозможна, бидејќи дури и есенско-зимските денови во кои има по некој сончев зрак, би биле уште постудени и понеинтересни.
Сончевиот систем го сочинуваат 9 планети – сите различни по големина, боја, изглед: Меркур, Венера, Земја, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон /џуџеста планета/. Меркур е најблиската планета до Сонцето, а Плутон се смета за најдалечна планета. Сите планети се вртат околу Сонцето. Земјата е трета планета по ред од Сонцето.
Запомни:
СОНЦЕТО НЕ СЕ ДВИЖИ!
ЗЕМЈАТА СЕ ВРТИ ОКОЛУ СВОЈАТА ОСКА И ОКОЛУ СОНЦЕТО!
СОНЦЕТО Е ЅВЕЗДА, А ЗЕМЈАТА НЕ Е!
Кога местото на Земјата на кое се наоѓаш е свртено кон Сонцето – тогаш е ден, a кога местото на Земјата на кое се наоѓаш ќе се сврти на спротивната страна од Сонцето – тогаш настапува ноќ.
Во прилог на оваа тема, Ви праќам сликовити и во боја фотографии. Исто така, како мој предлог кој ќе помогне во појаснување на овие работи на детски и едноставен начин е видеото на детските емисии на Учиме со Биби и Боби на истата тема.
https://www.youtube.com/watch?v=yShiTh4Bia4
Како нешто креативно што можете со децата да го направите е изработка на макета на сонце и сончев систем. Преку оваа макета, децата полесно ќе ја совладаат оваа тема. Идеи за изработка на оваа макета има многу. Подолу во фотографиите, Ви праќам предлози за можни начини и материјали за изработка на макетата (пластелин, стиропор, овошје, зеленчук..) При изработката на оваа макета, мој предлог – песничка за мотивација на истата тема.
https://www.youtube.com/watch?v=0MokKyPTamY
Подготвил: Воспитувач – Емилија Савовска