(2 – 4г.) Животни на фарма

Наслов на активноста: (2 – 4г.) Животни на фарма

Цели на активноста:

-Запознавање со домашните животни, како и ползата од нив

-Запознавање во односот  и грижата на човекот кон животните

-Да се оспособува детето за користење на различни форми и извори на информации

-Поттикнување на моторниот развој и манипулативните вештини

Потребен материјал: сликовници за селскиот двор, слики, апликации, пластелин, тесто, ликовен прибор….

Тек на активноста:

Како вовед во активноста, запознајте го и објаснете му на детето дека човекот ги одгледува домашните животни, ги храни, им прави живеалишта и се грижи за нивното здравје. Во зимскиот период домашните животни живеат во своите живеалишта, а веќе штом настапи пролетта, тие голем дел од денот престојуваат и во селскиот двор, каде слободно се движат.

Со детето разгледајте некоја сликовница која ја имате дома со селски двор и неговите жители – домашните животни. Во прилог ви испраќаме и слики, кои ќе ви помогнат во реализацијата на активноста. Поттикнете го детето на фокусирано набљудување и негово препознавање врз основа на надворешни особини и карактеристики.

-Коњ – раскошен опаш, исправени уши, густа грива, четири нозе, влакна блескави и мазни….

-Крава – долга опашка, рогови, четири нозе, виме во кое има млеко….

-Кокошка – пердуви, клун, две нозе…

-Прасето има подигната муцка, мали очи, мала опашка, четири нозе….

По овие примери опишете ги и останатите домашни животни.

Разговарајте за кравата – таа во пролет и лето пасе трева по ливадите, а зимата ја поминува во шталата, каде човекот ја храни со сено, жито и пченка. Кравата дава млеко кое што се собира со молзење некогаш рачно, а денеска со модерни машини. Млекото е многу корисно за пиење и од него се произведува: сирење, јогурт, кисело млеко, павлака и многу други млечни производи.

Приложете му илустрација на овца. Тоа веднаш ќе ја препознае и именува. Овцата живее во стадо. За стадата овци се грижат овчарите, кои ги тераат на пасишта (најчесто на сочни, зелени ливади,) за да пасат трева. Може да му кажете дека крзното од овцата се нарекува руно, дека овците  се стрижат еднаш годишно, со помош на електрична машина за стрижење, потоа крзното се пере, се прочистува, се чешла, се преде и на крај се ткае. Исто така и од млекото на овцата се произведуваат млечни производи многу корисни во исхраната на луѓето.

Зборувајте за коњот, кој  е голем пријател на човекот што живее во село. Постојат повеќе раси на коњи, меѓу кои и запрежниот коњ, кој може да влече дрвени селски коли и плугови (за да се обработи, преврти земјата што треба да се сее), на тој начин помагајќи му на човекот во земјоделските работи. Човекот во минатото можел да го јава коњот и на тој начин патувал од едно на друго  место. Коњот во пролет и лето се храни пасејќи трева, а преку зима се храни со сено, слама и жито.

Опишете го и прасето – има крупно и широко тело покриено со многу цврсти влакна, од кои се прават четки за коса и чешли. Месото од прасе се користи во исхраната на човекот. Живее во кочина, а се храни со пченка, овес, јаболки.

Покажете му слика од зајак. Тоа веднаш ќе го именува и препознае. Поттикнете го да опише како изгледа – има  две големи уши и шепи, приспособени за неговото движење со мали потскокнувања. Има многу добро сетило за мирис и постојано душка мрдајќи го својот мал нос. Во  природата  тој живее во зајачко легло. Зајаците јадат трева, корења, лисја и грицкаат кори од стебло.

Разговарајте со вашето дете и објаснете му дека во селскиот двор се одгледуваат и птици: кокошка, гуска…но дека овие птици не летаат како ластовичките и врапчињата…туку подлетнуваат со крилјата.

Кокошката е многу лесна за чување. Таа живее во кокошарникот и несе јајца кои се важна храна за човекот, најмногу за децата. Објаснете му дека кокошката ги квачи своите јајца (ги чува на топло), додека се изведат мали жолти пилиња. Кокошката колва црви од земјата, инсекти и зрна од пченка.

Да не ја заборавиме и мисирката, голема птица која многу брзо трча во селскиот двор, но не може да лета високо, таа само подлетнува. Мисирката се храни со разни семиња и инсекти, а најомилени и се скакулците. Се одгледува поради нејзиното вкусно месо.

Гуските исто така се птици пливачи кои имаат убави, нежни бели перја од кои се полнат зимски јакни. Човекот ги одгледува гуските поради јајцата и месото.

На крајот од активноста предложете му на детето, со ваша помош од пластелин или тесто да го моделира неговото омилено домашно животно. Доколку има желба, може и да го нацрта.

Подготвил: Воспитувач – Билјана Андоновска