Наслов на активноста: (4 – 6г.) Усвојување на математички релации: „припаѓа“ и „не припаѓа“
Цели на активноста:
-Запознавање со релациите припаѓа и не припаѓа;
-Поттикнување на сознајните способности на детето (перцепирање, воочување, претставување, согледување, воопштување и решавање на проблемски ситуации);
-Развивање на самостојноста, самоиницијативноста, самодовербата и истрајноста во активностите;
-Негување на чувството за соработка и задоволство од извршувањето на практичните и мисловните активности.
Потребен материјал: работни листови кои ви се приложени подолу, дрвени боици, предмети од вашиот дом, играчки…
Тек на активноста:
Воведувањето на поимот множество треба да се врши спонтано, главно преку непосредна практична активност, како што се воведуваат поимите од секојдневниот живот на детето во домот. Така, на пример, на детето за поимот вилушка не му се дава дефиниција, туку него го усвојува преку непосредните практични активности и барања, како: земи ја вилушката, дај ми ја вилушката, јади со вилушка и сл.
Така треба да се започне да се зборува и за множества, што се среќаваат во нивните домови (множество од лажици, множество од чинии, множество од чаши и сл).
За формирање на множества според два признака, на пример од играчките, да се издвојуваат куклите во црвени фустанчиња, сините топки, жолтите кружни плочки и сл.
Поимите припаѓа и не припаѓа, исто така треба да се воведуваат спонтано. Откако ќе се направи одредено множество, може да се постави барање пред детето да посочува што му припаѓа на тоа множество (оваа кукла, онаа кукла итн.). Потоа може да се постави прашањето: Дали мечето му припаѓа на ова множество кукли? Секако, одговорот ќе биде „не“. Во тој случај ќе се констатира дека „Мечето не му припаѓа на ова множество“. Притоа може да се постави прашање што друго – му припаѓа на ова множество.
Со цртање на затворена линија, која користи како претставување на множества, исто така може да се наметне сознанието, дека се што е внатре во една затворена линија – му припаѓа на множеството, а се што е надвор – не му припаѓа.
Подолу имате претставени неколку работни листови, кои ќе ви помогнат во усвојувањето на овие математички релации.
При тоа можете на многу интресен начин да си играте со истите, да користите разни признаци кои ќе ви помогнат во формирање на множествата (во множеството на кукли, не припаѓаат количките или во множеството на зелени предмети, не припаѓа портокаловите предмети…) (множество од прибор за јадење, можество од животни и птици…).
Подготвил: Воспитувач – Оливера Ѓоревска