Наслов на активноста: (3 – 4г.) Групирање на предмети во групи (множества) од три елементи
Цели на активноста:
-Да се поттикнат способности за користење на математиката во опкружувањето
-Да се развиваат способности за воочување на разликите кај предметите и нивно споредување
-Да се поттикнуваат способности за групирање на предметите според воочливи и заеднички особини
Потребен материјал: коцки за играње, волница или конец, разни предмети од вашето опкружување, работни листови…
Тек на активноста
Математиката можеби не е баш омилена кај нас возрасните, но затоа за децата знае да биде многу интересна и возбудлива. За децата да покажат интерес кон математиката, потребно е уште од мали нозе да се воведуваат во логичкото размислување и математичките игри.За полесно совладување на воведувањето во математиката, потребно е да се користат игровни активности, со цел да се доближиме до можностите на детската возраст.
Како вовед во активноста насочете го детето кон играчките кои се наоѓаат во неговата соба. Издвојте ги коцките ккако една од омилените игри на децата, кои ќе ви послужат да ја реализирате математичката игра.
Најпрво од детето побарајте да направи селекција по боја. На една страна да се издвојат црвени, на друга сини, па жолти и зелени коцки. Од купот со одредена боја, поттикнете го детето да издвои три коцки и со помош на конец или волница, формирајте множество од три елементи (коцки). Истото повторете го со останатите бои на коцки.
Потоа ви предлагаме повторно да направите селекција на коцките, овојпат по големина. Во едно купче да се издвојат најголемите коцки, во друго купче средните коцки и на крај најмалите. Побарајте од детето повторно да издвои три коцки од секое купче, и со помош на конецот да формира множество од 3 елементи со иста големина.
Во прилог ви испраќам работни листови кои ќе треба да ги разгледате со вашето дете и тоа со ваша помош да ги пополни.
Во текот на денот можете да продолжите да ја играте математичката игра, со се што се наоѓа во вашето опкружување. Формирајте множества од три чинии, три столчиња, три кукли, три колички, три блузички, три камчиња итн. Со тоа ќе му посочите на детето дека може да се формираат множества од три елементи со се што се наоѓа околу нас.
Подготвила – Маријана Гиразова