Наслов на активност: (2 – 4г.) Животни кои живеат во студените краеви
Цели на активноста:
– Да му се овозможи на детето да стекне основни сознанија за поларните животни;
– Да се развиваат способности за препознавање и класификација на животните според местото на живеење;
– Да се поттикнува процесот на осознавање на одредени основни фактори за опстојување и развој на живиот свет;
– Да се постават основи за логичко поврзување на стекнатите знаења
Тек на активноста
Децата пројавуваат интерес кон животните уште од најмала возраст. Тоа е така поради детската љубопитност за откривање и осознавање за светот што ги опкружува.
Минатата недела децата со интерес следеа и учествуваа во активности поврзани за животните во шумата и ЗОО градината.
Оваа недела нивното внимание ќе го насочиме кон поларните животни. Тоа не значи дека нема да ги спомнеме повеќе животните од шумата и зоолошката градина. Напротив постојано ќе бараме сличности и разлики меѓу овие три групи на животни. Најдете начин да го заинтересирате детето за поларните краишта. Тоа можете да го направите на повеќе начини:
– преку следење видеозаписи на ТВ канали за животни, интернет портали, енциклопедии, сликовници за поларните животни, како и детски списанија.
– Раскажете му на детето дека на светот постојат места, каде што секогаш има снег, но дека и покрај таквото време, таму има животни на кои им одговара таквото време. Потсетете го на белата боја како квалитет на снегот и кажете му дека таму живеат животни бели како снег.
/ Покажете му илустрација на бела мечка. Тоа веднаш ќе ја препознае и именува. Разговарајте за бојата на крзното, избројте ги очите, ушите, нозете. Раскажете му на детето дека таа не ја преспива зимата како кафеавата мечка, дека наместо пештера, живее во дупка од мраз која ја копа со нејзините шепи. Таму живеат и малите мечиња, кои на почетокот растат цицајки млеко, а потоа ги учи да ловат риба и фоки. Мечката е добар пливач. Доволна е една дупка во мразот за да ја најде својата ужина. Фоките ги лови задавајки им силен удар со шепите. Така ги учи и малите мечиња за да опстанат во ледената земја.
/ Направете споредба на белата лисица и лисицата од нашите шуми, а потоа сторете го истото и со поларниот зајак и поларниот волк. Можете да му кажете дека во лето белата лисица има кафеникаво крзно. Се храни со зајаци, глувци, инсекти и некои плодови во лето. Во зима, кога нема храна, ги јаде остатоците од храна на мечката. Лисицата има дебело крзно. На шепите има дебели перничиња од влакна, а тоа ја штити од студ. Погледнете ја нејзината долга опашка. Додека таа се одмара, ја обвива околу себе како шал и спие во дувлото.
/ Разговарајте и за фоката. Детето ќе забележи дека е многу дебела. Ако ја гледа на видео запис, ќе забележи дека на копно е многу несмасна и се движи влечејки се на стомак. Но во вода е добар пживач и ловец на риби.
/ Покажете му слика на пингвин. Децата многу ги сакаат. Кажете му дека пингвинот е птица, чии крила се пртвориле во перки со кои многу добро нурка во студената вода. Познати се како добри и грижливи родители. Таткото Пингвин го чува јајцето на топло, на своите стапала покриено со дел од кожата. Кога е многу студено, пингвините се собираат близу еден до друг за да се стоплат.
Почитувани родители, воведувајте ги децата постепено во светот на непознатите нешта. Разговарајте за животните, кога ќе видите дека детето има потреба за тоа и давајте информации колку што сака да прими. На почетокот е доволно да ги препознава и именува на слика, играчка ….
- Исечете слики од поларни животни и направете постер кој ќе стои на некое видно место. Постерот ќе го мотивира за проширување на знаењата.
- Најдете интересна слика – репродукција на поларни животни и исечете ја на 4- 6 еднакви дела. Направете сложувалка и редете ги деловите.
- Збогатувајте го секогаш по малку неговото знаење си нови нешта, задоволувајки ја детската љубопитност
- Поттикнете го да нацрта некое од поларните животни со молив, фломастер или одберете техника сами.
- Ако детето пројави голем интетес за животните, направете дидактичка игра со сликички за класификација на шумските и поларните животни според местото на живеење.
- Направете слика на шума и слика на поларен предел. Направете и сликички на животни. Редете ги кое каде припаѓа. Играјте сите заедно дома. Тоа ќе го направи детето среќно, а исто и вас.
Во прилог ви праќам текст со слика ,,Кој не се плаши од зимата”, со цел да се поттикнат на творечко раскажување. Разгледајте ја сликата, поттикнете го детето да ја опише, а потоа прочитајте го текстот полека со умерено темпо.
Објаснете му дека далеку, на север живеат луѓе кои се викаат Ескими. Дајте им име на малите ескимчиња ( пр. Еско и Кимко) .
Дозволете му на детето да изнајде имиња на животните според некоја нивна карактеристика: лисицата – Долгопашка, еленот – Рогле итн. Поттикнувајте си прашања. Составете заедно приказна. Нацртајте заеднички цртеж….
Учете низ игра, низ хумор, поттикнувајки го детето на говор, уживајте во заедничките игри. Детето бргу ќе порасне, затоа користете ја секоја прилика да бидете што повеќе со него. Ги поздравувам вашето учење, низ игри од дома.
Подготвил: Воспитувач – Веселка Божиновска