(4 – 6г.) Специјални возила во сообраќајот

Наслов на активноста: (4 – 6г.) Специјални возила во сообраќајот

Цели на активноста: 

-да се поттикнува за учество во драматизациии и желба за прифаќање на игри на улоги

-да се поттикнува детето на користење на говорот, како средство за меѓусебно запознавање и разбирање

-да се поттикнуваат одредени претстави и поими, од областа на сообраќајната култура

-навикнување на правилно и културно однесување на улица, во возило на јавниот превоз и др.

Потребен материјал: дидактички листови, листови од блок, фломастери, слики од специјални возила….

Тек на активноста: 

Кога зборуваме за сообраќајот, неизоставен дел се специјалните возила, кои се од витална важност за нашата сигурност и безбедност. Се викаат специјални затоа што збирот на мерките и постапките што ги превземаат навремено, спасуваат животи и спречуваат понатамошно влошување на разни ситуации. Кои се тие возила? Па се разбира возилото на Брзата помош, Противпожарното возило и Полициското возило. Со овие возила управуваат  луѓе, кои се соодветно подготвени за својата работа.

За полесно да им ја објасните функцијата на овие возила на децата, ве повикувам да им го прочитате драмскот текст што следи во прилог. Прочитајте му  го внимателно на своето дете, а потоа разговарајте за специалните возила. Најпрво поттикнете го детето да се присети и да ги наброи, а потоа објаснете ја нивната функција и важност. Кои се луѓето што ги управуваат, како се вика нивната професија?

СПЕЦИЈАЛНИ ВОЗИЛА

ТИНО: (потпевнува и си игра со колички)…брррррм, брррррм, тинунину, тинунину, возиииии ,сега вртам лево, па десно, ооооп се паркирав!

ТИНА: Здраво Тино, што правиш?

ТИНО: Еве си играм со сите колички и ги возам брзо, брзо, најбрзооо!

ТИНА: Убаво, убаво, но гледам на крстосницата твоја – прво си го ставил автобусот, па камионот, па автомобилите, а на крај ПОЖАРНОТО ВОЗИЛО!

ТИНО: Е да, така сум ги наредил. А што е тоа толку важно кој е прв, а кој последен!

ТИНА: Ехеее, Тино, мора да те научам на некои важни работи за сообраќајот!

ТИНО: Ааааа знам знам, еве слушни! Сообраќајот е големо семејство на автомобили, автобуси, камиони, возови, бродови и авиони. Бре колку ги има!

ТИНА: Добро, гледам дека знаеш, но дали си слушнал дека во семејството на сообраќајот има СПЕЦИЈАЛНИ ВОЗИЛА. И дека тие возила секогаш одат први, силно свират, а можат да поминат и на црвено светло на семафорот!

ТИНО: СПЕЦИЈАЛНИ ВОЗИЛА??? А зошто се специјални?

ТИНА: Јас сега ќе ги набројам и можеби ќе разбереш зошто се специјални. Тоа се: ВОЗИЛОТО НА ПРОТИВПОЖАРНА, ВОЗИЛОТО НА БРЗА ПОМОШ И ВОЗИЛОТО НА ПОЛИЦИЈАТА. А веднаш ќе ти кажам дека тие се специјални, бидејќи се најголемите помошници на луѓето. Се грижат за секого кога ќе се најде во голема неволја. Ајде да се запознаеме со нив! Ќе ги повикаме на нивните специјални телефонски броеви… Еве прво ќе го повикаме ПРОТИВПОЖАРНОТО ВОЗИЛО, а нивниот број (врти на телефон) е 193. Ајде да повториме еден, девет, три! Аха, ѕвони…Ало добар ден… Не, не, не гори ништо…ние те повикуваме на гости… Те чекамеее!

(се слуша звук на противпожарното возило и се појавува возилото)

ПРОТИВПОЖАРНО ВОЗИЛО: Охооо, колку се радувам што ме повикавте, а нема пожар, нема оган. А сега можам да ви се претставам: Јас сум возило што оган гаси, секој мој пожарникар од огнот сака да не спаси!

ТИНО: А сега подгответе се за „Пожарникарски квиз“!

ПРОТИВПОЖАРНО ВОЗИЛО:  Погодувајте, мојата боја е…(по секое прашање на возилото, детето одговара). Во мене се возат чичковците … Во моето меше- резервоар јас носам… Со моите црева, вода се гаси… На мене има скали со кои пожарникарите се качуваат на… Моите пожарникари на главата носат… Слушнете ме сега, со оган не се игра, за жал тој е брз! Ако видиш дека нешто гори, ти гласно извикај и збори – гори, гори пожар има, а противпожарното возило веднаш повик прима!

ТИНА: Ајде Тино, сега да повикаме друго специјално возило. Ќе го повикаме возилото на БРЗА ПОМОШ, а бројот е 194 (врти на телефонот)… Ало, дали е тоа Брза помош? Не, не, никој не е болен, ние те повикуваме на гости… Ајде, те чекаме…

(се слуша звук на возилото на Брза помош и се појавува возилото)

БРЗА ПОМОШ: Јас сум возило што живее во болница

                              Во мене лекарите возат болни лица!

                              Ако некој човек се разболи, 

                              итно да го пренесам до болница – тоа ми е битно!

А сега дете, јас ќе прашувам, а ти ќе ми помогнеш. По боја сум бело, а на мене е нацртан црвен … Мојата сирена прави…Во мене се вози чичко … Во мене има таблети, инјекции, за да им помогнам на … Болните и повредените брзо ги носам до… И бидејќи знаете се за мене, сега ќе се паркирам!

ТИНО:  Тина, ајде сега да го повикаме третото специјално возило!

ТИНА: Веднаш, веднаш, сега повикувам ПОЛИЦИСКО ВОЗИЛО – 192. Аха, ѕвони… Ало, овде е Тина… Не, не, ништо не е украдено, те повикуваме да ни дојдеш на гости… Ајдее, те чекамеее!

(се слуша звук на полициско возило и се појавува возилото)

ПОЛИЦИСКО ВОЗИЛО: По улица брзо возам јас

                                       и од лоши крадци давам спас. 

                                       На се што е  опасно и лошо – СТОП ВИКАМ,

                                       а и сообраќајни грешки сликам!

А сега, да видам, колку знаете за мене? По боја сум… Во мене се возат чичковците… Дали некој кога ќе порасне, сака да биде полицаец и да вози полициско возило? Мојата сирена прави… Браво, браво, време е да се паркирам!

ТИНО:  Специјално ви благодарам, наши специјални другари. Навистина сте специјални и по боја и по сирена и по брзина! Но најважно од се е што им давате помош на сите луѓе. Затоа запомнете: ЗА ДА БИДЕШ СПЕЦИЈАЛЕН, МОРА ДОБРИ ДЕЛА ДА ПРАВИШ. Исто како нашите специјални пријатели: ПРОТИВПОЖАРНОТО, ПОЛИЦИСКОТО и ВОЗИЛОТО НА БРЗА ПОМОШ!

За да ви биде поинтересно, предложете му на детето на лист од блок, со фломастери, да нацрта едно специјално возило по негов избор, а во интерес знаењата да останат трајни, во прилог ќе ви предложам неколку дидактички игри, преку кои детето ќе ја развива логиката, размислувањето, графомоториката…

Подготвил: Воспитувач – Ружица Митровиќ