(4 – 6г.) Сообраќајот – денес / Видови на сообраќај

Наслов на активноста: (4 – 6г.) Сообраќајот – денес / Видови на сообраќај

Цели на активноста:
-Запознавање на детето со видовите сообраќај и кое превозно средство на кој вид сообраќај припаѓа (копнен, воден, воздушен)

-Поттикнување на детската логика и размислување преку игра на поврзување со конкретно насочени цели, кое детето треба самостојно да ги исполни

Потребен материјал: сликички со превозни средства, листови за поврзување со сообраќајни средства и видови сообраќај за поврзување

Тек на активноста:

Децата секојдневно директно или индиректно се учесници во сообраќајот, така и ги учат сообраќајните знаци и правила. Учат како и каде да се движат на улица, учат за деловите на улицата, семафорот, пешачкиот премин, коловозот, велосипедската патека и сл. Во домот преку игра, слики и разговор, децата ги збогатуваат своите искуства и знаења за – копнениот сообраќај, водениот сообраќај и воздушниот сообраќај. Разговарајте со детето кој превозни средства го сочинуваат секој од видовите на сообраќај – каде се движат и како се движат…..

За таа цел, за да можат полесно децата да се запознаат со видовите превозни средства и кој каде припаѓа, Ви нудам интересна откривачка игра и тоа: потребни ви се неколку кутии мали (на секоја кутија посебно обележан воден сообраќај, копнен и воздушен) и сликички со превозни средства. Поттикнете го детето самостојно да ја именува сликичката (може и да каже нешто повеќе за превозното средство што е претставено на сликичката) и да ја стави каде што припаѓа, во соодветната кутија со превозно средство, на видот сообраќај на кој одговара.

Доколку вниманието и заинтересираноста се уште траат кај детето, продолжете со игра на поврзување. На лист испечатете или нацртајте превозни средства и видови сообраќај, поттикнете го детето да го поврзе соодветното превозно средство со видот сообраќај на кој припаѓа. 

Ви посакуваме добра забава – учете, осознавајте, откривајте….

Подготвил: Воспитувач – Александра Ѓоргиева