Наслов на активноста: (2 – 4г.) Поларни животни – Драмски текст
Цели на активноста:
*Стекнување на елементарни сознанија за животните во студените краеви и стекнување основни сознанија за нивниот изглед, живеалиште, исхрана;
*Да се поттикнува самостојноста кај детето во користењето на различен ликовен и останат неликовен материјал;
*Да се поттикне интерес за учество во ликовни активности, преку користење на разни форми на ликовно изразување;
*Да се збогати веќе активниот речник на детето;
Потребен материјал: хартија во боја (црна), бела темпера, палета, молив
Тек на активноста
Светот на животните секогаш е непресушен извор на интерес за децата. Децата ги сакаат животните и природно е децата да се интересираат за животните. Како што планетата Земја е нашиот дом, така и за животните истата е нивниот дом. И животните се раѓаат, растат и умираат. Тие дишат, се хранат и спијат исто како и луѓето. Животните се распространети насекаде на земјината топка. Нив ги има на копно, во вода, во воздух. Ајде малку да отидеме до едно место на земјината топка каде што е многу студено. Таму има само снег и мраз, но и таму живеат животни.
Заедно со вашето дете сместете се удобно и прочитајте му го текстот:
Поларни животни
KAJA: Уф, колку е студено, не ми се излегува од дома!
ЈАНА: И мене не ми се излегува…надвор е многу студено, но вака да дремеш дома по цел ден, навистина е здодевно!
МЕТЕ: Студено е, време му е, зима е! Ние можеме да си седиме на топло, крај печка да се грееме. Како ли им е на животните?!
КАЈА: На кои животни мислисш? Оние во шумата? Тие цела зима или спијат или во топла дупка се кријат!
ЈАНА: Како им е на оние во студените краеви? Знаете, таму е вечна зима, везден студи и снег има!
МЕТЕ: Па да ги прашаме! По интернет да се јавиме, подобро дс ги запознаеме. Да прашаме дали таму навистина многу студи и секогаш е зима и дали снег и мраз постојано има?!
Поларни животни: Ало, ало кој не повикува! Ние сме дружина од Јужниот Пол, тука многу студи, но никој не оди гол! Секој од нас носи бунда бела, за нас знае секое дете, од планетата цела!
КАЈА, ЈАНА, МЕТЕ: Здраво, здраво! Ние сме децата од Македонија, ве знаеме и ние, но решивме да ви се јавиме, подобро да ве запознаеме! Гледаме зад вас прекрасна бела слика!
Поларни животни: Токму така, оваа прекрасна бела слика, Арктик се вика. Во овој наш отворен циркус, температурите се секогаш минус. И како снегот бел, нашите бунди се повеќето бело снежни, но меки, топли и секако нежни!
ЈАНА: Ти си мечка, нели?
Бела мечка: Да, Бела Мечка сум јас, тука ме бие добар глас, зашто многу јадам риба. Риболовец сум врвен, за тоа ме бива!
КАЈА: А, ти која си, некако позната си ми цела, само ме буни твојата опашка што е бела!
Поларна лисица: Јас?! Јас сум итрица во бело крзно, јас сум Лисица Поларна!
Поларен зајак: И јас сум како снегот бел цел, ама не сум толку јак, името ми е Поларен Зајак!
Фока: Доста се фалевте со белото крзно! Јас сум Фока, не сум бела, но моето тело е најмазно! Покрај риболовец, јас сум и акробатка, скокам, се лизгам, јадам риба слатка!
Пингвини: Се фалите сите со своите особини, а од сите поларни жители, ние сме најфини, најубави одела носиме-ние сме пингвини!
КАЈА: Се гледа дека во вашето бело царство, царува другарство!
ЈАНА: И ние сме другари и кај нас другарството е многу важно, без другар секое дете би било тажно!
МЕТЕ: Мило ни е што ве запознавме и многу работи за вас дознавме!
ЈАНА: Ви благодариме, среќни сме и весели што имаме нови пријатели!
КАЈА: Можеме, ние тука, вие таму, снежен танц да танцуваме, на снегот заедно сите да се радуваме!
Откако ќе му го прочитате на вашето дете текстот, преку прашања потрудете се заеднички да го раскажете.
Потоа разгледајте ги сликите што ви се понудени и со вашето дете разговарајте за изгледот на поларната мечка. Објаснете му на детето дека бојата на крзното на мечките, зависи од местото каде што живеат. Потоа објаснете дека крзното ја штити мечката од студ.
Потоа земете хартија во боја (црна), темпера бела, палета и молив. На хартијата нацртајте му на детето контура од поларно мече. Потоа објаснете му на детето на кој начин со своето прсте да тапне во белата темперна боја и да ја пренесе бојата во внатрешноста на контурата. Така тапкајќи на крајот ке се види поларното мече. Додека работи вашето дете охрабрувајте го и на крајот кога ќе биде завршена задачата пофалете го.
Подготвил: Воспитувач – Јелена Мирческа