Музика и движење 

Наслов на активноста: Музика и движење 

Цели на активноста:

-децата да се оспособат за изведување движења со делови од телото и едноставни движења со целото тело (со придружба на музика детето да изведува движења со раце, глава, нозе, тело)

-имитација на животински гласови

-имитација на разни звуци од природата 

-да се оспособат да го прифатат темпото на музичката содржина и со движења да се вклучат во промена на умерени и брзи темпа

Тек на активноста:

Активноста започнете ја со разговор со вашите деца за поларните животни односно животните од далечните краишта. Може да користите и илустрации, слики, за да може детето полесно да ги запознае. 

Најпрво набројте кои се поларни животни (бела мечка, пингвин, поларни лисица, поларен зајак, фока и други). Паралелно покажувајте им ги и сликите од животните и објаснете ги нивните карактеристики и карактеристични движења..

Своите емоции детето ги изразува со движења. Таквите движења претставуваат спонтано изразно средство, кое се карактеризира со мелодиско – ритмички движења. Негувањето и развој на мелодиско – ритмичките чувства, чувството за темпо, чувството за музичка форма, како и формирање и умеења и знаења, треба да бидат застапени од најрана возраст. На тој начин кај децата се развиваат емоционалните чувства кон музиката, се подобрува музичкиот слух и музичката меморија, се поттикнува визуелната и моторната меморија.

Движењето со музика се користи за поттикнување и активирање на нивната имагинација, емоционалната реакција, со цел создавање на баланс меѓу емоционалниот и интелектуалниот фактор. Преку движењето со музика, детето чувствува творечка индивидуалност, ги задоволува потребите од движење и создава креативна слобода. Координацијата меѓу музиката и движењето представува една целина во естетска насока, но многу значајна. Почетните елементи на движење се природните движења на детето, како што се одење, трчање, плескање со раце, тропкање со нозе, а подоцна истите се надоградуваат.

Драги родители, во прилог ви го испраќам видеото, кое може да го најдете на You Tube каналот. Пуштете му го видеото на вашето дете, слушајте ја музиката, погледнете како се движат пингвините и пробајте и вие по тактот на музиката да се движите како нив.

Ви посакувам пријатна забава! 

Подготвил: Музички педагог – Златица Кратовалиев