(2 – 4г.) Малиот црно бел палавко – Пингвин

Наслов на активност: (2 – 4г.) Малиот црно бел палавко – Пингвин

Цел на активноста: 

– да се развива ситната мускулатура на дланката и координација око-рака

– да се развива способност да витка, тутка, кине, цепка и лепи на хартија

-да се развива способност за јасно рецитирање на стихотворбата со промена на интонацијата на гласот

Потребен материјал: бела хартија, колаж (црн и бел) или листови во боја, лепак.

Тек на активност

Пингвините се поларни птици што живеат на Јужниот Пол – Антарктикот, каде што е многу студено во зима.Иако се птици, тие не летаат, туку нивните крила се претворени во перки со кои многу добро нуркаат во студената вода. Често се собираат еден до друг, збиени за да се стоплат. Познати се како многу грижливи родители кон своите пингвинчиња.

За таа цел разговарајте со вашето дете и за другите поларни животни. Предложете му една убава стихотворба за Малиот црно – бел палавко:

ПИНГВИНОТ ПИПИ

Во зимска облека
се облекол Пипи,
лизга со лизгалки
прави необични слики.

Пипи таа игра,
многу го весели
дури на друга санта,
не се пресели.

Потоа анализирајте ја содржината, доколку има непознати зборови објаснете му ги на детето. Прочитајте му ја неколку пати изразно и со правилна дикција, со цел детето полесно и побрзо да ја меморира.

Предложете му на вашето дете на веќе исцртана контура да го изработи малиот црно-бел палавко од колаж со техниката цепи-лепи. На детето дајте му ги листовите од колаж самостојно да ги искине на ситни парчиња и доколку е потребно помогнете му.

Додека го изработува пингвинот, заедно повторете за неговите карактеристики, за неговиот изглед, боја и место на живеење.

Ви посакувам пријатна игра со вашите најмили.

Подготвил: Воспитувач – Ана Пандиловска