(2 – 4г.) Песничка – Слончето Бимбо 

Наслов на активноста: (2 – 4г.) Песничка – Слончето Бимбо 

Цели на активноста:

-поттикнување интерес кон слушаната музика
-создавање навика – музиката да ја слуша до крај
-оспособување на детето за разликување на карактерот на музиката (приспивна и игровна)
-слушање и разликување на звуци од непосредната околина

Тек на активноста

Дали некогаш сте се запрашале зошто децата ги сакаат толку многу животните?

Речиси и да нема дете кое не сака животни. Веднаш штом ќе видат некое животинче, се насмевнуваат и посакуваат да го допрат, да си поиграат со него или во најмала рака да го задеваат. Затоа голем број песнички се напишани за животните, бидејќи претставуваат инспирација, која потекнува баш од таа љубов на децата кон животните. 

Пеењето песни за сите деца е најсакана и актуелна музичка активност. Бидејќи вниманието на децата од оваа возраст е минимално, треба да се биде добар аниматор, за да може да се задржи подолго, а текот на активноста да се одвива како игра, односно детето активноста да ја доживее како игра.

Детето ја прифаќа онаа песна во чија содржина го гледа неговиот свет, а тоа е светот на играта, светот на бајките, поточно свет близок до неговите претстави, чувства и начин на мислење. 

-Содржината на текстот треба да биде логична, едноставна, разбирлива.

-Мелодијата треба да биде динамична и весела. Мелодиско-ритмички изразна песна детето го активира, развеселува, вниманието се зголемува, а со тоа и ангажираноста е поголема.

-За оваа возрасна група, темпото треба да е умерено, за детето да може да ја следи и пее песната.

-Текстот да се изговара со јасна и чиста дикција.

-При пеењето потребно е да не викаат, да не се напрегаат и да пеат тивко.

-Треба да се обрне посебно внимание на почетоците и краевите на песничката, заедно да почнуваат и да завршуваат со пеење.

Во прилог песничка за слончето Бимбо.

Подготвил: Музички педагог – Златица Кратовалиев