(4 – 6г.) Патување во минатото – Запознавање со историскиот развој на сообраќајот 

Наслов на активноста:  (4 – 6г.) Патување во минатото – Запознавање со историскиот развој на сообраќајот 

Цели на активноста:

-Стекнување знаења за превоз и начин на движење на луѓето во различно опкружување
-Поттикнување на интерес за запознавање и групирање на превозни средства во минатото по начинот на кој се движат  воден, воздушен и копнен
-Негување на способноста за вербално обликување на своите мисли и идеи
-Развој на фината моторика

Работен материјал: Детска енциклопедија, слики, семејни фотографии, хартија во боја, хамер, сунѓер, цевчиња, шпатули, волница….

Тек на активноста

Ајде да патуваме во минатото…..  

Заедно со Вашето дете разгледувајте ги фотографиите од патувањата на кои сте оделе и потсетете се за доживувањата врзани за тие патувања. Потоа понудете му туристички проспект, слики, списанија на кои се прикажани различни места и играјте игра – Погодување и фантазија – кое место е, каде се наоѓа, како може да се стигне до таму, со кое превозно средство се патува најбрзо и најдобро би го разгледале местото, како би се забавувале. Разговарајте за причините и потребите на луѓето да патуваат и истражуваат. Поставете го детето во позиција да размислува и решава проблемски ситуации.

Како до нас стигнува јужното овошје кое расте во далечните земји? На кој начин пристигнале животните во зоолошката градина? Како на некој ќе му испратиме поздрав од патувањето?

Објаснете му дека превозот на луѓе, животни, предмети и вести го викаме сообраќај. Развојот на сообраќајот на луѓето им донел многу погодности и се одвива на копно, на вода и во воздух. Денес глетката на човек што патува во вселената е сосема нормална, но на човекот му требаше долго време да патува со модерни, брзи превозни средства. Поттикнете го детето да размисли и фантазира, а потоа заедно со помош на енциклопедија патувајте во минатото кога луѓето немале модерен транспорт за патување. Па, што сториле кога почувствувале потреба да патуваат и истражуваат? Тие ги користеле своите нозе за пренесување на пораки и вести, кој бил наречен гласник, а првите патишта воделе по патеките на животните низ шумите.   Подоцна луѓето сфатиле дека можат да ги користат животните –  коњи, магариња, волови, камили и дека со нив може да патуваат побрзо и да пренесуваат предмети. Со пронајдокот на дрвеното тркало се превезувале со дрвени коли кои ги влечеле животни. Поттикнете го да открие какви биле патиштата по кои се движеле дрвените коли.

Друго превозно средство е велосипедот, кој бил изработен од дрво и го викале – дрвен коњ – кој го возеле буткајќи го со нозете, бидејќи немал педали и волан. Потоа го измислиле металниот  велосипед, со едно големо и едно мало тркало. Поттикнете го детето да ги воочи и спореди велосипедите од минатото со неговиот велосипед според изгледот, големината, безбедноста….

Железничкиот сообраќај се појавил многу одамна. Вагоните некогаш ги влечеле коњи, а шините биле дрвени. Потоа била измислена парната локомотива.

Првите автомобили имале исто така дрвени тркала и немале покрив. Патувајте и фантазирајте како се возите во кола од минатото. 

Посочете му го вниманието кон водениот сообраќај. Поттикнете го да ви одговори зошто се вика воден сообрќај, што значи тоа, во кои води може да се плови. Во примитивните времиња луѓето пловеле на стебла, ги врзувале и правеле сплав, а подоцна ги длабеле и правеле чамци кои им служеле претежно за риболов. Исто така изработувале чамци од врзани снопови трска од папирус. Истражувајте заедно со детето за што им служеле платната на чамците и бродовите.

Луѓето ги набљудувале птиците како летаат и сонувале и тие да летаат. Ги имитирале, изработувале крилја од перја и скокале од високи места, но дали успеале? Разговарајте и истражувајте. Луѓето почнале да летаат со кошници обесени на балони кои биле наполнети со топол воздух, а потоа и со воздушен брод – цепелин.

Понудете му слики, апликации од превозни средства од минатото кои се движат на копно, на вода и во воздух и да изработи постер. Побарајте од детето да ви каже кое превозно средство е горе, кое е долу, кое е најмало, најголемо, бавно-брзо, кое е пред, кое е зад, кое високо-ниско….

Ајде малку да погодуваме 

По мориња
или океани,
многу лесно плови
носи товар, патници,
или риби лови. (брод)

За јавање служи,
нивите ги ора,
а и дрва носи,
со дедо од гора. (коњ)

По две шини оди
со многу вагови,
пренесува патници
и товар со тони. (воз)

Разбудете го детето во себе и играјте заедно со своето дете и другите членови од семејството-

Подвижна игра – Земја, вода, воздух

Учесниците се наоѓаат во исправен став, стојат пред вас и им велите – земја, вода, воздух….кажувајќи ненадејно некое превозно средство што се движи по земја, по вода или пак лета во воздух. Правилна реакција на детето и другите учесници треба да биде на она што се движи по земја да клекне, во вода – да прави движења како да плива, а во воздух – да ги рашират рацете.

А на крај да се засладите со вкусни превозни средства. Наздравје.

Подготвил: Воспитувач – Леонора Танова