(2 – 4г.) Оспособување на детето да придружува предмети по големина, форма и боја

Наслов на активноста: (2 – 4г.) Оспособување на детето да придружува предмети по големина, форма и боја

Цели на активноста:

-Развој на логичко мислење и развивање на способност за воочување и именување на предметите во околината (круг, топка, коцка)
-Поттикнување на способност за користење на математиката во опкружувањето
-Поттикнување и усовршување на способноста за класификација и серијација според одредени критериуми
-Охрабрување и поттикнување на истрајноста и фокусираноста во активноста

Потребен материјал: предмети во околината, математички логички плочки, работни листови, дрвени боички.

Тек на активноста: 

Децата на оваа возраст се заинтересирани за воочување и именување на предметите од околината. За подобро и полесно да можат да ги именуваат по име и форма предметите, најдобро е да започнете со нивно воочување во околината–природата. 

Низ разговор поттикнете го детето да воочува најразлични предмети во вашиот дом или во природата и да ги именува. Именувајќи ги предметите детето нека ги опише геометриските форми – каква форма имаат, каква боја и дали се големи или мали. Насочете го низ разговор да каже каква форма има чинивчето, чашата, телевизорот, телефонот, огледалото, креветот, масата, таблетот итн. 

Потоа доколку имате математички логички плочки во вашиот дом, можете да ги растурите сите, а на детето да му дадете задача да издвои од нив форма на триаголник, круг, квадрат и правоаголник, да ги издвои и поврзе по големина, форма и боја.

Во прилог ви праќам различни видови на работни листови, на кои што детето може да работи и да ги поврзува различните предмети по големина, по форма и по боја. Во текот на работата охрабрете го вашето дете и пофалете го за неговата работа за да стекне поголема самодоверба.

Работен лист број 1 – Препознај ги геометриските форми, именувај ги, поврзи ги и обои ги со соодветната боичка.

Работен лист број 2 – Обои ги формите според примерот!

Работен лист број 3 – Препознај ги формите и поврзи ги со предметите кои што имаат иста форма, а потоа обој ги по своја желба!

Работен лист број 4 – Поврзи ги соодветните форми и обој ги по своја желба!

Работен лист број 5 – Пронајди ја формата прикажана како во примерот и обои ја со боичка!

Ви посакувам пријатна работа!

Подготвил: Воспитувач – Маријана Поповска