(4 – 6г.) Како се движеле првите бродови

Наслов на активноста: (4 – 6г.) Како се движеле првите бродови
Цели на активноста:
– поддржување на детскиот интерес и љубопитност за проучување на обележјата на сообраќајот во минатото;
-развивање на навиката кај децата за користење детски енциклопедии, како и сензибилизирање на децата за препознавање на каузалната врска меѓу етапите во развојот на сообраќајот;
-да се оспособи за користење на истражувањето и набљудувањето како средства за откривање и учење;
-развој на креативноста и фантазијата кај децата;


Потребни ресурси: слики во прилог, ликовен материјал, енциклопедии, интернет, YouTube,…


Тек на активноста:
Луѓето за да се движат низ водата, морале да користат средства кои нема да потонат – плод на човековата креативност и иновативност. Најпрво тие длабеле големи дрва и се превезувале или пак пренесувале некоја стока, истите ги нарекле -Чунови. Првите чамци човекот ги придвижувал грабајќи со рацете низ водата, но подоцна користи мали дрвени лопатки кои се нарекуваат весла. Подоцна почнале да врзуваат дрвени трупци. Истите биле управувани со помош на некој голем стап, со кои се туркале и така ги минувале водените препреки. Овие пловила се нарекувале – Сплавови. Почитувани насочете го фокусот на приложените фотографии, се со цел да ја разбудите детската љубопитност и жед за усвојување на нови информации.
Низ историјата на разни народи се среќаваат и разни пловила, согласно материјалот со кој располагале. Покрај дрвото, ги граделе и од папирус, прат, трски и кожа.
Првите бродови почнале да ги прават Египќаните и истите биле градени од папирус. Папирусот е билка слична на трска и расте во висина до 3 метри, стеблото му е меко. Се земала срцевината само од оној дел на стеблото кој е под вода. Се движеле со помош на весла, со кои веслале околу 30 луѓе, а имале и големи дрвени столбови (јарболи) на кои биле закачени едра од папирус, кои го користеле струењето на ветерот за да се движат. Подоцна овие едра биле заменети со едра од платно, бидејќи биле полесни и подобро го апсорбирале ветерот. На море скоро секогаш дува ветер и поради тоа почнале да се користат едрата, бидејќи така биле потребни помалку луѓе за управување со бродот.
Продолжете да го мотивирате детето низ серија слики, фотографии, снимки – да осознава, истражува, а подоцна и креира со Ваша помош.
Подоцна почнале да се користат и бродови кои биле придвижувани со помош на парен мотор. Овие бродови најчесто се користеле на помала оддалеченост и во реки и езера. Работеле на тој принцип, што имале еден голем котел, кој се загревал со дрва или ќумур и со притисикот кој се создавал се придвижувало големото тркало – на кое имало перки, кои впрочем го туркале бродот низ водата.
На самиот крај, за да го заокружите усвоеното, предложете им на Вашите најмили да го нацртаат, обојат или пак креираат својот омилен брод од минатото, на тој начин што ќе им понудите материлјали за работа, согласно нивните интереси.
Ве поздравувам и оставам со желба за добро здравје и позитивни мисли, во секој сегмент од Вашиот живот.

 

Подготвил: Воспитувач – Јасмина Трпчевска