(2-4г.) А, што прават животните во шума?

Наслов на активноста: (2-4г.) А, што прават животните во шума?

Цели на активноста:

– Да му се овозможи на детето стекнување претстави и поими за животот на шумските животни во зима;

– Да се развиваат способности за препознавање и класификација на животните според местото на живеење;

– Да се поттикнува процесот на осознавање на одредени основни фактори и услови за опстојување и развој на живиот свет;

– Да се постават основи за логичко поврзување на стекнатите информации.

Потребен материјал: слики, постери, детски енциклопедии, сликовници, играчки шумски животни, компјутер.

Тек на активноста

Зимата со себе носи студ и снег, но оваа зима снегот е на повисоките места и планините. Кога е многу студено надвор, најдобро е да се игра во топла домашна атмосфера, каде ќе се чувствувате опуштено и релаксирано. Денес ви предлагам да се дружите со вашето дете и низ игра да научите: Што се случува со шумските животни во зима?

Разговарајте со детето за вашиот дом, колку е пријатно, топло, може да јадете што сакате, а кога ќе ви се спие, легнувате во својот кревет, се покривате со меко ќебенце и слатко си спиете.

Сега направете споредба со  животот на шумските животни во зима (користете интернет портали, слики, постери): Што се случува со нив? Каде се сега тие? Што прават? Имаат ли свој дом? Со што се хранат? Се грижи ли некој за нив? 

Објаснете му на детето дека шумските животни живеат во шумата. Тоа е нивниот дом, сами се грижат за живеалиштата и храната, а најтешко им е во зима кога многу студи и има сне,г па затоа повеќето хибернираат (спијат зимски сон), за да преживеат. Кога спијат тие трошат помалку енергија, не им треба храна или пак им треба малку.

* Мечката е најпозната спанка, таа заспива уште во доцна есен, но нема цврст сон. Повремено се буди, па станува, се шета наоколу низ шумата, бара храна и пак заспива.

* Верверичката уште од есен прави резерви од лешници и ореви во дупката од стеблото на дрвото, каде што презимува.

* Ежот спие во зимски сон во своето гнездо, што го прави во дупка под земјата, а за да му биде потопло – легло си прави од мов, лисја и трева.

* Зајаците и елените собираат гранчиња и кора од дрвјата, лисја и мов. Срните бараат храна, а енергијата брзо им се троши.

* Лисицата јаде полски глувчиња и птици кои сама ги лови.

За систематизирање и утврдување на стекнатите знаења ви предлагам неколку игри:

– Игра на поврзување: од детето се бара да го препознае животното, да го именува и да го стави до неговото живеалиште. За играта може да се користат сликички од животинско царство или играчки шумски животни, а живеалиштата нацртајте ги вие.

Можете да ги испринтате работните листови во прилог и да ги искористите за играта.

– Моделирање пештера за мечето, е уште една игра што ќе биде интересна за детето, користете тоа што имате дома: пластелин, солено тесто за моделирање, ролни од тоалетна хартија, картонски кутии, хартиени кеси, чинии, алуминиумска фолија, хартија за печење и друго.

-Изработка на макета: Шумата во зима – може да користите природни материјали како што се: мов, шишарки, кора од дрво, гранчиња од зимзелени дрвја.

– Понудете му на детето да бои по контура шумско животно или цртајте заедно.

– Пред спиење може да му прочитате некоја приказна за животните, кои ги имате во голем избор.

– Кога ќе биде потопло, може да одите во Зоолошка градина и да ги набљудувате шумските животни.

Ви посакувам пријатна игра и забава со вашето дете.

Подготвил: Воспитувач – Мира Георгиевска