Наслов на активноста: (4 – 6г.) НАШАТА ТРАДИЦИЈА, НАШЕ БОГАТСТВО…
Цели на активноста:
– да се развива националниот и културен идентитет, како и гордоста за припадност кон својот народ, преку поттикнување на свесност за традицијата на Македнскиот народ;
– да ја прифати и почитува својата култура, преку спознавање на традиционалните вредности;
– да се поттикне кон естетско доживување на народното творештво и македноскиот фолклор;
Потребни ресурси: слики во прилог, листови од блок, темперни бои, четки за сликање, чаши за вода, престилка за работа.
Тек на активноста:
„Собата е послана со ќилими. На сред соба, бакарен мандал“ – „Печалбари“ од Антон Панов (1936)
Што е белегот, кој е особениот израз, типичен само за Македонија? Кој е нејзиниот естетски печат, шара или урнек, непроменет со векови, негуван со генерации? Кое е скапоценото културно богатство на Македонија? Што е она што го носиме во нас, како семе кое ќе го оплодуваме во наредните генерации и така ќе ги зацврстуваме нашите национални корени? Тоа е културното паметење, во кое се собрани убавината на традиционалните градби, традициналните вештини и занаети, преданието во творечка и естетска смисла. Наша задача е се’ ова да го пренесеме и на наредните генерации, на нашите деца, за да продолжи да живее уште многу векови.
Затоа, почитувани родители ви прелагам да прошетата со вашето дете низ старата Скопска чаршија, да погледнете во малите занаетчиски дуќани што се работи, да ги разгледате нивните производи. Можете и да го посетите Етнолошкиот Музеј на Македонија, некое село или некоја традиционална куќа во некој град. Разговарајте со вашето дете за се’ што гледате, со цел да му ја поттикнете љубопитноста кон минатото, да му го разбудите чувството на национална припадност и љубов кон традиционалната ризница.
МОЕТО ТРАДИЦИОНАЛНО ЌИЛИМЧЕ – сликање со темперни бои
Пред да започнете со практичната работа, разгледајте ги предложените слики од разновидни ќилими исткаени на нашата територија. Објаснете му на детето за што се користеле тие – за покривање на подови или луѓе, за украсување на ѕидови. Поразговарајте за материјалот од кој се изгработувале – волна и памук, за ткаењето како начин на изработка на ќилимите. На крајот фокусирајте се на боите и шарите на ќилимите.
Додека детето ја слика својата замисла за шарено ќилимче, обратете внимание на својствата на темперната боја, нејзината покривност и можноста за нијансирање и мешање. Ако детето одбере да слика орнамент кој се повторува, посочете му го ритамот како ликовен елемент – повторување во правилен редослед на бои и форми. Охрабрете го детето да користи различна дебелина на четки за сликање, придружете му се и вие, креирајте, творете и забавувајте се.
Подготвила: Воспитувач – Снежана Гуцуљ