„Мојата прва сликовница“ – обликување во простор

Наслов на активноста: „Мојата прва сликовница“ – обликување во простор

Цел на активноста:

  • Збогатување на речникот и говорните вештини;
  • Поврзување на говорен и пишан јазик;
  • Разбирање на слики и зборови како симболи што пренесуваат порака;
  • Развој на перцепција, внимание, меморија, мислење, логичко размислување;
  • Збогатување на имагинацијата и развој на креативното размислување;
  • Развој на позитивните емоции и можност за емпатија со разни ситуации;
  • Создавање желба да се обработи искуството преку различни форми на изразување: пишување, сликање, играње улоги, движење и пеење;
  • Развивање на смислата за обликување и градење со волумен во просторот со различни материјали кои се спојуваат или обликуваат;
  • Осамостојување во работата и развивање на моторичките (ситната мускулатура на раката и координација око – рака) и другите способности со користење на разни материјали и алати (ножички, лепак, селотејп, нож, мали клешти и штрафцигери и сл.);
  • Усвојување на морални вредности и стенкување на нови знаења.

Потребен материјал: Листови за цртање, разни боички, сликички и илустрации од разни детски списанија, картони, јаженце, панделки, ножички, лепак, самолеплива хартија, нож, дупчалка, конец и др.

Тек на активноста: Што е сликовница?

Сликовницата е книга со илустрации, наменета за деца. Содржините на сликовниците се едноставни и приспособени за деца. Во квалитетна сликовница се содржани ликовно – естетските и воспитно – образовните квалитети.

Децата ги забележуваат сликите пред говорот, па затоа сликовницата, уште во најраната возраст поттикнува воочување, набљудување,  размислување и вербално изразување. Ја развива имагинацијата, влијае на емоционалниот развој и креативноста. 

Приказната во сликовницата може да се раскажува без зборови (без текст), само со илустрациите. Во некои сликовници, покрај илустрациите има и текст, но тој е во втор план, краток е и е во функција на разбирање на илустрацијата.

Карактеристично за добра сликовница е да бидат хармонично соединети уметничко – естетските и едукативните квалитети. Содржината треба да е едноставна и достапна за децата. Илустрациите не треба да содржат многу податоци и детали, туку да ги нагласуваат суштинските карактеристики на она што го покажуваат.

Мој предлог за активност е Вие, заедно со вашето дете да создадете, креирате сликовница. Како ќе го направите тоа?

https://www.pinterest.com/pin/281543715451314/

Прво, прочитајте му ја неговата омилена сликовница, насочете го да ја воочи формата на сликовницата, внатрешноста и надворешноста и објаснете му ја функцијата на сликовницата. Потоа предложете му заедно да направите Ваша сликовница и тоа нека ја одбере темата. Смислете го текстот, запишете го, па врз основа на тоа побарајте готови илустрации или нацртајте ги. Креирајте ги страниците од сликовницата, составете ги и подредете ги. 

Откако ќе ги направите внатрешните страни на сликовницата, останува да ја создадете и корицата односно насловната страна со насловот на сликовницата. Додека работите, поттикнете го детето тоа да дава предлози и сугестии како да изгледа секоја страна од сликовницата и кој текст ќе стои.

 

На крај, откако ќе завршите со изработката на сликовницата, побарајте од вашето дете да ви ја „прочита“ сликовницата. 

Запомнете: Читајте му на детето секој ден! Поттикнете и негувајте ја љубовта кон книгата кај вешето дете! Затоа што книгата – сликвницата е прозорец кон светот! ☺

Подготвил: Воспитувач – Билјана Гавриловска