Наслов на активност: Учиме математика, истражуваме….
Цели на активност:
-Да се развијат способности за користење на на палецот и показалецот при одредени активности
-Да се поттикне да ги користи дланките и прстите на двете раце, за да ракува со ножички
-Да се оспособува да сече по зададена линија
-Да се развива способност за воочување на разликите кај предметите и нивно споредување – според големина, должина, широчина, форма…
Потребни материјали:
хартија во боја за подлога, хартија во боја по ваш избор за шешир, бела хартија за снешкото, ножички, лепак, фломастер…
Тек на активноста:
Со доаѓањето на зимата сите очекуваме да падне снег, а најмногу децата. На игрите на снег им нема крај, а најомилена активност на секое дете е правењето на снежен човек – Снешко.
Во недостаток на снег, ви предлагам една активност во која во домашни услови со вашето дете ќе изработите снешко. Има многу можности за правење Снешко од различни материјали, но јас ви предлагам тоа да го направите од хартија и тоа снешко во три димензии. Поразговарајте со вашето дете на темата „Снешко“, од што се прави, како изгледа, што има на главата, што се става за нос, копчиња…,а потоа предложете му ја активноста. Сигурна сум дака вашето дете со задоволство ќе ја прифати.
За таа цел потребно е да му нацртате три правоаголни ленти, на бела хартија, со различна широчина и должина на истите и една помала лента за шеширот на Снешко (во боја по избор на вашето дете). Во следниот чекор, поттикнете го вашето дете самостојно со ножички да ги исече лентите по нацртаните линии. Додека сече може да му помагате и да го поттикнувате правилно да ги држи ножичките. Откако ќе ги добиете исечените делови поттикнете го детето да ги воочи разликите помеѓу исечените ленти – која е најширока, која е најтесна, која е подолга, која покуса и сл. Потоа може да пристапите кон лепење на истите – секое од лентите залепете ги меѓусебно на двата краја при што ќе добиете цилиндер. Дозволете му на детето самостојно да нанесува лепак, да ги спојува деловите, а вие само помагајте. Откако ќе добиете три цилиндри за снешкото и еден во боја за шеширот, можете сега да ги склопите деловите, при што ќе ги подредите по големина и тоа поттикнувајќи го детето – најголемиот да биде најдолу, потоа помалиот, а на крајот најмалиот дел, па цилиндерот за шешир и сето тоа ќе го залепите на една поцврста подлога-хартија.
По ваша желба може да додадете украс на шеширот или пак мали гранчиња (од хартија) кои ќе служат за раце на снешкото и сл. Доколку сте расположени може да исечете неколку мали кругчиња од црна боја и едно мало портокалово триаголниче, кои вашето дете ќе ги употреби за очи, копчиња, уста и нос на снешкото и истовремено ќе го потсетите да ги именува формите – кружна форма за очите и копчињата, триаголна за носот, правоаголна форма беа лентите и сл. На крајот убавата творба – готовиот снешко може да го закачите на видно место во вашиот дом, при што детето ќе се гордее со својот труд и своето постигнување.
Во прилог ви го праќам линкот, кој ќе ви помогне и ќе ви даде насоки во вашата активност. Пријатна забава!
Подготвил: Воспитувач – Поповска Анкица