(4 – 6г.) Традиционални занаети – Јас сум мајстор за …

Наслов на активноста: (4 – 6г.) Традиционални занаети – Јас сум мајстор за …

Цели на активноста:

*детето да се запознае со убавините на својот роден крај, народното богатство и култура

*да се запознае  и да ги прошири своите знаења за занаетите грнчар, ткајач, ковач, опинчар…

*да се збогатува речникот со зборови кои означуваат поопшти поими

*развивање на фината моторика на раката, дланката и прстите и координација око-рака

Потребен материјал: фотографии, глина, вода, боја, украси за декорација…

Тек на активноста:

Македонската традиција има длабоки корени. За тоа како изгледала нашата земја некогаш, дознаваме од раскажувањето на постарите лица – бабите и дедовците, од старите фотографии и слики, од книгите…..Тоа е наше културно наследство, кое треба да го негуваме и пренесуваме на нашите поколенија.За таа цел ви предлагам на вашето дете да му пуштите некоја Народна приказна преку која подобро ќе се запознае со животот на нашите предци. Ќе се запознае со носиите, старите градби и предмети кои луѓето  ги изработувале, како и занаетите со кои се занимавале. 

Откако детето ќе го проследи видео записот, поразговарајте за тоа во какви чинии се послужува храната, од што се направени чиниите. Проширете ги знаењата на детето за Грнчарот како занаетчија, кој е најзастапен во тоа време. Сите садови кои ги употребувале луѓето биле изработени од глина, најчесто на грнчарско тркало придвижувано со нога. Садовите биле декорирани  со исцртани кругови, цик-цак линии, цртани цветови и други мотиви. Бојата во која се боеле биле црвена, жолта, зелена…. Изработените бардаци, стомни, тави, грниња и други производи, откако ќе ги направеле, ги сушеле и печеле во специјални печки. Друг занает е Ковач, кој ги изработувал сите орудија и алатки од метал, кои му биле потребни на човекот како и потковиците за коњите. Ткајачи, кои на разбој изработувале прекрасни ракотворби, Опинчарите, кои изработувале опинци од кожа и служеле како обувки. Во продолжение на детето, може да му прочитате една интересна стихотворба. 

Глинени садови

Изработени се од глина 

која може да се моделира,

да се суши, пече и бои, 

во шара да се декорира.

Има еден бардак, 

од кој ладна вода се пие,

едно грне со капак,

во кое гравче врие.

Има и еден ваган

во кој се јаде слатко,

со една кришка леб, 

мацкаме – јас и мојот батко.

/Откако ќе му ја прочитате – поразговарајте за содржината  и објаснете му ги непознатите зборови.

Потоа  предложете му од глина да изработите садови (ваган, тава, бардаче..), кои детето самостојно ќе ги моделира и украсува по своја желба. Дозволете  до израз да дојде неговата имагинација. Додека ги изработува садовите, доколку има интерес и желба, детето може да ги погодува следниве  гатанки: 

*На огниште во него гравче се вари,

   кога надвот снег врне и се вика…..

                          (ГРНЕ)

*Жедни моми седат на чардак

  душа ладат, вода пијат од…..

                     (БАРДАК)

Подготвил: Воспитувач – Виолета Стефановска