(4 – 6г.) Tрадиционален македонски накит 

Наслов на активноста: (4 – 6г.) Tрадиционален македонски накит 

Цел на активноста: 

*запознавање со македонскиот традиционален накит
*запознавање со традиционалниот занает кујунџија – златар, мајстор за изработка на накит и украси
*да се запознае детето со народното богатство и култура
*да се поддржува детето, кога пројавува иницијативи и интереси за стекнување нови знаења

Потребен материјал: слики, енциклопедии, монистра, монети, хартија, молив…

Тек на активноста: 

Верувам дека се запознавте со традиционалната македонска носија, облеката која што порано ја носеле луѓето за работа, за празник, свадба, како и нејзините делови. Исто како денес, а и порано луѓето сакале да изгледаат убаво и да носат накит, а некогаш го носеле за да се заштитат од уроци, магии или болести. Традиционалниот македонски накит се разликува од овој денешниов, модерен, но секако бил многу убав и внимателно изработен. За да може детето подобро да се запознае со деловите од традиционалниот накит, користете енциклопедија, интернет или сликите што се приложени подолу.

Меѓу наједноставните форми на китење, претставува украсувањето со босилок, со џунџуле или со друг вид на цвеќе, што се носеле зад увото, во косата, на појасот, во рака и слично. Венец од бршлен или китки од цвеќе носеле невестите на главата. 

Подоцна носеле и „перјаници“, украси од обоени пердуви од разни птици. Жените често пати користеле метални монети како украс и накит, прикачени за плетенките од косата или аплицирани на парче ткаенина, редени како рибини лушпи, во вид на масивни украси за градите.

Оние побогатите наместо метални, користеле златни монети – алтани. Со текот на времето луѓето почнале да носат накит изработен од разновиден материјал: злато, сребро, месинг и слично, а бил изработен од специјализирани мајстори, златари или кујунџии. Тие користеле едноставни алати и нивните украси биле рачно изработени.

Најкарактеристичен женски накит од составот на македонските народни носии се ’’пафтите’’, тешки метални токи за закопчување на појасот. 

Свое посебно место има карактеристичната сребрена ’’игла’’ за на глава и специфичниот накит ’’низалка’’, во форма на широка мрежа од сребрени жици, украсен со богат поткит од ситни лиени филигрански плочки и големи сребрени пари. Филигранскиот накит бил посебна уметност, изработен од сребрени или златни жици, кои што извиткани и испреплетени формираат разни облици, најчесто пеперутки или цветови.

Покрај доминантната застапеност на металниот накит, свое место има и монистрениот. Истиот, со голема инвентивност и вештина го обликувале жените од ситни или покрупни монистра, понекогаш во комбинација на пулејки – исплетени или извезени во вид на разновидни колани, ѓердани, нараквици, подбрадници, кустеци и др. Како највпечатливи се издвојуваат ’’ќостеците’’ кои подеднакво ги носеле мажите и жените.

Често се носеле и украси извезени со срма (сребрен конец).

За разлика од женскиот, машкиот накит е поскромен. Најкарактеристичен машки накит е сребрениот ’’ќостек’’ за саат, што се носел прикачен на градите.

/ Се надевам дека Вашето дете доби одредена претстава за традиционалниот накит низ годините, оној кој го носеле нашите баби и прабаби. Доколку кај детето постои желба, ставете го во улога на кујунџија, понудете му монистра и заедно обидете се да нанижете ѓерданче, едно или повеќе. 

/     Потоа земете неколку монети, наредете ги во низа под еден лист хартија и врз нив сенчајте со моливче. Ќе добиете слика од уште еден традиционален украс, кој нашите предци гордо го носеле.

Подготвил: Воспитувач – Сашка Михајлова