Игра со солено тесто – Истражувачка игра

Наслов на активност: Игра со солено тесто – Истражувачка игра

Цел на активноста: 

-да се развива ситната мускулатура на дланката и да се развива координацијата око – рака.
-да се поттикне љубопитност за работа со разни материјали (тесто, пластелин и др.)
-обликување на едноставни форми и користење на двете раце за обликување (гмечење, тркалање и др.)
– воочување на форми и големини

Потребен материјал: сол, брашно, вода, артикли кои ви се наоѓаат во домот

Тек на активност:

Радоста на децата е  голема кога ќе падне  првиот снег. На детските лудории им нема крај. Децата сакаат да се  се санкаат, да прават ангели во снегот но сакаат и да фрлаат со топки снег. Составен дел од детските игри на снег секако е и правењето на снешковци.

За таа цел разговарајте со вашето дете за ликот на Снешко, за формата, бојата и големината на топките. Предложете му да направите Снешко во вашиот дом со помош на солено тесто.

За подготовка на тестото потребно ви е: 1 чаша сол, 2 чаши брашно, 1 чаша вода. Откако ќе ги измешате сите состојки, поттикнете го самостојно да го измеси тестото.

Настојувајте самостојно да ги изработи формите со различна големина и да ги нареди по правилен редослед (големата топка да биде долу, над неа средната и најгоре најмалата топка). Дозволете му на детето самостојно да го украси и декорира снешкото по своја желба.

Украсувањето може да биде со материјали и продукти кои што се застапени во вашиот дом (пр. капа од капаче од пластично шише, очите и устата од зрна од бибер, рацете од суви гранчиња и сл). 

Готовата творба ставете ја на видно место, за да го краси вашиот дом.

Подготвил: Воспитувач – Ана Пандиловска