Наслов на активност: Бела приказна – Расказ
Цели на активноста :
– Да се развива способноста за слушање, разбирање и доживување на содржината на расказот
– Да се воведува детето во користење на говорот, како средство за изразување на своите мисли, чувства и доживувања;
– Да се поттикнува способноста кај детето за раскажување на сопствените доживувања и размислувања по слушната содржина;
– Да се збогатува речникот со нови зборови;
Тек на активноста:
Мојот предлог за денес е расказот ,,Бела приказна” од Киро Донев
За да ги мотивирате децата за слушање на расказот, разговарајте за годишното време зима. На кој начин?
Едноставно… Доколку има снег, децата визуелно ќе ја забележат белата боја како негов квалитет. Потоа тактилно: снегот е влажен, студен, крцка под нозете ако е потврд, лизгав ако е замрзнат итн. Ако дува ветер, објаснете му дека тоа е Северко. Зборувајте за облеката во зима, игрите во снег, животните и птиците во зима. Поттикнувајте го на размислување и вербализирање на она што го гледа, слуша, чувствува.
Но ако нема снег, искористете некоја слика за зимата и поттикнете го детето на разговор по сликата, така што прво ќе ја набљудувате, опишувате, трудејки се да му помогнете преку прашања да ја користи реченицата. Спонтано кажете му дека сега ќе ја прочитате или раскажете ,,Бела приказна”. Читајте полека, без брзање и одвреме, навреме следете го изразот на детското лице, трудејки се да ги почитувате оснобните компоненти на изразниот говор: темпо и ритам, интонација, модулација, пауза, акцент за целосна мотивација и концентрација на детето.
БЕЛА ПРИКАЗНА
Дедо Мраз и баба Зима седеа на највисокиот планински врв и гледаа како ветерот Северко лудува низ гранките на дрвјата.
Во гората – тишина.
Врз реките – мраз .
Ни птица да запее, ни животно да шушне.
Се живо се скрило од острата свирка на Северко.
Баба Зима ги отвори своите ледени кофжези и од нив ја извади својата зимска облека. Ја расфрла врз дрвјата, нивите, ливадите, доловите и бреговите и за миг ги покри со бела мека покривка.
Омекна тврдата смрзната земја. Под неа се стоплија малите житни стебленца. Снегот стана јорганче за сите заспани бубачки и семчиња под земјата.
Доловите живнаа. Се начичкаа со деца. Едни се санкаа, други се скијаа, некои правеа снешковци, други се тркалаа по белиот килим. Се палавеа и џагореа.
Во градскиот парк и пред зградите никнуваа снешковци како големи бели печурки. Мајките од прозорците загрижено викаа по своите деца:
– Влатко, не соблекувај го палтото. Ќе настинеш!
– Зорке, стави го шалчето околу врато, а ракавиците на рацете!
– Здравко, не јади мразулци, внимавај на грлото!
– Здравке, дојди да си ги смениш чорапите. Ќе настинеш со водени чорапи !
Децата ни во тие највесели мигови не ги заборавија своите крилести пријатели – птиците. На Џивко во дворот на градинката, му направија куќичка и секој ден му носеа храна. Кумчо Волчко и тетка Лиска скитаа низ шумата и завиваа од глад. За нив во шумата и по полето се помалку имаше храна. Тие знаеја каде можат да ја најдат, но таму ги чекаше будниот чувар – Шарко. А навечер, чадеа оџаците над белите покриви. Децата седат во топлите соби и слушаат приказни од своите баби и дедовци. Во определено време заспиваа во своите меки, топли постели и сонуваат сладок сон.
Откако ќе ја прочитате приказната, прашајте го детето дали му се допадна, зошто се вика бела приказна, дали сака да ја слушне уште еднаш.
Раскажете ја овој пат, користејки слика, како и објаснување на непознатите зборчиња кои првпат ги слушнало: ( ледени ковчези – можете да ги споредите со куфери , палавеа и џагореа /палавеа – се мавале со снежни топки , се тркалале по снегот, можеби некој ненамерно скршил прозор; џагореа – биле гласни; чадат оџаците – објаснете им дека во некои куќи се топлат со дрва, а чадот излегува низ оџакот. Задржете се на приказната колку што детето покажува интерес за истата. Можеби ќе посака да ја раскажувата и во некој од наредните денови. Искористете го тој момент да ја збогатите содржината.
Измислете и додадете нешто ваше, поттикнете го детето да учествува во процесот на творење (измислете име на Снешко, нова ситуација за врапчето Џивко, Лиска, Волчко, за некои шумски зајачиња итн. Уживајте во зимските денови и направете си весела атмосфера.
Ако има снег, направете снешко и дајте му име. Може да го истражувате снегот на повеќе начини. Направете мал снешко во помала вангла и внесете го внатре. Истражувајте што ќе се случи. Детето спонтано доаѓа до сознание дека снегот е состојба на водата.
-Направите и постер на зимски игри и спортови кои ќе ја красат детската соба оваа зима. (Дајте му ножички со тап врв и објаснете му како да ги исече и залепи сликичките. Користете лепак за хартија.)
-Обидете се да направите снегулки од хартија
-Направете куќичка за птици или хранилка и сл.
-Осмислете некоја активност која ќе го поттикне детето на игри: подвижни, говорни, конструктивни, имитативни итн.
Ги поздравувам Вашите зимски игри од дома , радувајте се со децата без разлика дали има или нема снег.
Подготвил: Воспитувач – Веселка Божиновска