(4 – 6г.) Традиционални игри и играчки – раскажуваме, се сеќаваме….

Наслов на активноста: (4 – 6г.) Традиционални игри и играчки – раскажуваме, се сеќаваме….

Цели на активноста:
-Развој на чувство за почит и прифаќање на различни култури и почит кон сопствената култура;
-Поттикнување на љубопитноста, иницијативноста, креативноста и истрајноста во игрите;
-Координација на телото, одржување на рамнотежа, развој нa фината моторика и манипулативни вештини преку воспоставување на контрола на дланките и прстите;
Потребен материјал:, стари непотребни материјали, коноп, дрвена лажица, бастун, ластик, шамија, плочка, прстенче… се што е плод на Вашата креативност.

Тек на активноста:
Традиционалните детски игри се дел на народната култура, а во нив е сплотено искуство на многу генерации. Да се сочува традицијата и да се вткае во современите текови претставува предизвик за секој од нас. Токму така Почитувани, овој пат фокусот го ставаме на нашата традиција, нашето минато кое оставило скапоцени траги, а сегашноста уште повеќе го разубавила и оплеменила.
Разговарајте со Вашите деца за игрите што ги играле нашите баби и дедовци, кои користејќи ја својата фантазија, самостојно си креирале игри и реквизити за играње. Запознајте ги со некои од нив, како на пример: прстенче, плочка ластик, грнчиња, конец, петкамци, слепа баба, криенка, долга магарица, плочка и др. А пак играчките ги изработувале од предмети за секојдневна употреба (топка од материјали, кукла од дрвена лажица, коњче од бастун и др.) согласно потребите на играта. Откако ќе навлезете во светот на нашата традиција, низ примери од игри и играчки, Ви предлагам да се задржите само на оние игри, кои веднаш по нивното насловување го привлекоа вниманито на Вашите најмили. 

Јас пак ќе се обидам накратко да Ви ја презентирам мојата омилена игра – ЛАСТИК. Постапката е следна: две деца го ставаат најнапред ластикот на долниот дел околу нозете. Третото дете го скока прво едниот дел од ластикот, па после вториот дел со песната ,,ема е са са’’.Откако ќе го премине тој дел, двете деца го качуваат ластикот до колениците. Третото дете се обидува исто така со скокање да го премине и првиот и вториот дел од ластикот. Ако не може, тогаш оди на местото на детето што го држи ластикот, а ова дете ја игра играта. 

Друга игра која Ви ја препорачувам да ја играте со Вашите најмили е СЛЕПА БАБА. На еден од членовите во семејството му се врзуваат очите со шамија, а останатите се околу него. Задача на личноста со врзани очи е по слух, допир и сл. да фати друга личност и да погоди за кого станува збор. Ако погоди, тогаш на таа личност и се врзуваат очите, во спротивно му остануваат врзани се додека не фати некој од присутните. 

Или пак ПЛОЧКА, игра која без сомнение и децата ја играат и знаат. Се цртаат 5 до 10 квадрати, изборот е Ваш. Потребна Ви е плочка за фрлање, текот на играта е следен – се фрла плочката на првиот квадрат, играчот скока на една нога, се до последниот квадрат – се повторува фрлањето и земањето на плочката. Таа не смее да падне на линија меѓу квадратите и играчот не смее да згазне на линијата, во спротивно излегува од играта. Победник е оној кој ќе ги помине сите квадрати без грешка.
Ви посакувам среќни празници. Бидете креативни, забавувајте се, се гледаме наскоро.

Подготвил: Воспитувач – Јасмина Трпчевска