Наслов на активноста:‘’Пронајди ја белата боја во домот’’ – Забавна игра
Цели на активноста:
- Развивање на љубопитноста кај децата во истражувачките активности
- Да се поттикнува детето да развива радост и задоволство од успешно завршената работа.
- Да се поддржува индивидуалниот пристап кон откривање на нови работи
Потребни материјали: кадичка, вода, пенлива купка, пластични чаши во повеќе големини….
Тек на активноста:
Во природата на детето, особено кога тоа почнува да го запознава светот околу него, постои интерес за појавите што го опкружуваат. Љубопитството на детето му овозможува да ги стекне и збогати своите искуства. Детето ги забележува појавите околу него, ги набљудува, го поставува прашањето за експериментирање и донесува заклучоци.
- Капењето е настан во кој најголем дел од децата уживаат, но некои деца не успеале да создадат позитивно искуство и се чувствуваат вознемирено додека трае капењето. За да му помогнете на вашето дете да се чувствува пријатно и да научи да ужива во водата, може да ви помогнат и игрите. Капењето не е само начин на одржување лична хигиена, туку и можност детето да учи, како на пример да научи да ја препознава белата боја и да научи да споредува количество.
- Наполнете ја кадичката со топла вода и ставете пенлива купка за да се направи голема количина на бела густа сапуница. Додека детето си игра во кадичката, објаснете му дека пената е во бела боја како снегот на планините. Потоа наполнете една чаша со сапуница, објаснете дека чашата е наполнета до горе и повеќе не може да се дотури сапуница. Сега испразнете ја чашата и покажете дека е празна. Охрабрете го детето да го направи истото и да го каже истото. „Еве, сега чашата е полна и еве сега, чашата е празна.
- Одберете две чаши, една помала и една поголема. Наполнете ги со сапуница. Запрашајте се гласно – дали чашите содржат исто количество на сапуница. Коментирајте гласно, за тоа дали вашата чаша има повеќе, помалку или исто количество на сапуница – колку и чашата на детето. Истурете малку сапуница од вашата во неговата чаша и разговарајте што се случува. Коментирајте: „О хо, нема доволно место во твојата чаша, за да ја ставам целата сапуница од мојата чаша. Мојата чаша сѐ уште не е испразнета, а твојата веќе се наполни.” Повторете го ова неколку пати. Дадете му на детето поголема чаша и истурајте во неа од вашата чаша и зборувајте му: „Еве, мојата сапуница се потроши, а твојата чаша сѐ уште не е наполнета.”
- За време на следното капење, направете сценарио во кое детето ќе биде лидер, детето ќе избира чаши, тоа ќе ви каже дали да изберете помала, или поголема чаша од неговата. Продолжете да ги полните чашите и да ја истурате водата од една во друга чаша, постојано коментирајќи дали има или нема место за уште вода. Повторувајте сѐ додека сметате дека детето ужива.
- Продолжете со играта, така што детето ќе ја пронаоѓа белата боја во домот и ќе ги именува предметите со таа боја.
На малите деца ќе им треба време да се адаптираат. Дозволете му на детето да си игра и постепено воведувајте нови чекори, штом почувствувате дека е подготвено да партиципира.
Подготвила – Наташа Бинова