Наслов на активност: Стихотворба за Дедо Мраз
Цели на активноста:
– да се оспособува и навикнува детето на правилно дишење, потребно за добар изговор
– да се развиваат способности за јасно рецитирање на стихотворбата со промена на интонацијата на гласот
– да се развива способност за употребување нови зборови и поттикнување за прашување за значењето на некој непознат збор
Тек на активност:
Како наближува крајот на годината, така возбудата и магијата околу китење Новогодишна елка не обзема сите, а најмногу децата. Целиот град е накитен со украси и светилки, кои ги мамат детските воздишки. Покрај семејството, за секое дете е многу значаен и Дедо Мраз. Се прават колачиња за дочекот на Дедо Мраз, се пишуваат и цртаат писма и честитки за најинтересниот лик за децата.
Затоа ви предлагам во топлината на домот, покрај вашата накитена новогодишна елка, да поразговарате со детето околу следниве работи: Зошто ја китиме елката? Од каде доаѓа Дедо Мраз? Како пристигнува до нашиот дом? Која боја е неговата облека и како е облечен? (Облеката има црвена боја – составена е од палто, панталони, чизми); Каков е Дедо Мраз? (Дедо Мраз е стар дедо, кој носи очила, има брада и мустаќи и сл); Што носи во санката? (Во санката има многу подароци и пакетчиња, за сите деца); Каде ги остава подароците? …..
Додека разговарате за сите овие работи, поттикнете го и охрабрете го детето – само да дојде до заклучок и да одговори на горе поставените прашања. Потоа предложете му да прочитате една убава стихотворба
СТИХОТВОРБА ЗА ДЕДО МРАЗ
Дојде нова година
онака за час,
со неа на санка,
весел Дедо Мраз .
Под елката наша
подароци стави,
потоа ни рече,
бидете ми весели и здрави.
Стихотворбата прочитајте му ја неколку пати, изразно со правилна дикција со цел детето полесно да ја меморира. А откако убаво ќе ја совлада, предложете му да ја изрецитира пред најблиските членови од семејството.
Подготвил: Воспитувач – Ана Пандиловска