Наслов на активноста: Расказ „Ирвасот Иле и малата Биле“
Цел на активноста:
*детето да ја развива способноста за слушање, разбирање и доживување на содржината на литературните творби
*да се поттикнува способноста за елементарно оценување на карактеристиките на јунаците од уметничките дела и нивните постапки
*да го збогатува говорот со внесување на убави изрази од литературни дела
*поттикнување на детската креативна фантазија, преку изработување ликови од различни материјали
Потребен материјал: листови во боја, лепак, шпатули, хартиени торбички, украсни материјали……
Тек на активноста:
Деновите до Нова Година полека ги одбројуваме и едвај чекаме да ги отвориме подароците под елката. Децата веќе добро го знаат ликот на Дедо Мраз – стар и насмеан дедо, со бела брада и мустаќи, облечен во долго црвено палто и црвени панталони, со црн колан и чизми. Тој во текот на новогодишната ноќ, носи подароци во домовите на добрите дечиња, а во тоа му помагаат неговите ирваси, кои ја влечат санката.
Верувајте и ирвасите се возбудени исто колку и децата. За да се уверите во тоа, Ви предлагам заедно со Вашето дете да го прочитате следниов расказ.
Ирвасот Иле и малата Биле
Ирвасот Иле живее во далечната Лапонија. За него најмногу се грижи малото девојче Биле. Таа му е најдобра другарка, уште од неговото раѓање.Тие се секојдневно заедно и на нивните игри им нема крај. Еден ден, Биле излезе надвор и извика:
– Урааа,урааа! Дојде зимата! Насекаде има снег! Ќе одам да го побарам Иле, заедно да си играме. Иле, Иле! Каде си? Дојди да си играме!
Биле се стрча по падината и го здогледа Иле покрај блиската шума.
-Фррр, фррр – фрчеше ирвасот Иле, копајќи со копитата во снегот за да најде мов и лишаи. Не можам Биле, морам да најдам храна, да јадам и да станам многу силен. Имам важна задача. Оваа година ќе ја влечам санката на Дедо Мраз.
– Сакаш да кажеш дека нема да бидеш тука за Нова Година? Што ќе правам јас сама? Со кого ќе славам? – се натажи малата Биле. – Земете ме и мене со вас! – му предложи на Иле.
– Не може, само ирвасите одат со Дедо Мраз, а децата ги чекаат подароците – ѝ рече ирвасот.
– Добро тогаш, јас ќе си одам дома, а ти биди внимателен. Знаеш дека во шумата има гладни волци, може некој да те нападне – го предупреди Биле.
– Не грижи се, ќе се видиме наскоро – ја смири ирвасот Иле и рикна силно за да ја поздрави.
Вечерта пред Нова Година, Биле си легна во својата топла постела и слатко заспа. Тогаш почна да сонува…Сонува како седи скриена меѓу вреќите на Дедо Мраз. Заедно со Иле, летаат со санката низ целиот свет. Зад нив се истура златна прашина, од која излегуваат подароци. Подароците паѓаат во оџаците на украсените куќи, кај децата кои со нетрпение го очекуваат полноќното отчукување на часовниците. На нејзиното заспано лице, се разлеа весела насмевка. Од сонот ја разбуди пријатен ѕвонлив звук. Стана, погледна низ прозорецот и го здогледа својот пријател, ирвасот Иле со големо ѕвонче, закачено на неговите убави рогови.
-Излези, Биле! – ја викна ирвасот Иле. – Ти го носам најубавиот подарок – новогодишното ѕвонче што ти го испрати Дедо Мраз.
Биле се облече и истрча надвор. Силно го гушна ирвасот Иле, а тој ѝ го подаде ѕвончето. Потоа Биле заѕвони, за да го прослават првиот ден од новата година.
Откако го прочитавте расказот, поттикнете го детето да го прераскаже, самостојно или со Ваша помош, поставувајќи му куси прашања. Нека Ви раскаже како ги доживеало ликовите, Иле и Биле. Нека ги искаже и сопствените чувства, како би се чувствувало кога би имало можност, заедно со Дедо Мраз да се вози на санката и какви игри би играле, доколку Иле е неговиот најдобар другар.
За да остане Иле во сеќавање на Вашето дете, потрудете се заедно да го направите од материјали што веќе ги имате во Вашиот дом. На пример:
/ На хартиена торбичка, залепете претходно подготвени очиња и црвено носе (или нацртајте ги), а потоа близу до отворот на торбичката – прицврстете ги роговите и ушите.
/ Од хартија во боја – исечете форма на глава од ирвас, додадете очиња, рогови и уста, а наместо носе, направете мало дупче и протнете црвено лижавче.
Во сликите подолу, ќе видите повеќе примери.
Ви посакувам многу забава и среќни мигови со Вашето дете во последните денови од оваа година.
Подготвил: Воспитувач – Сашка Михајлова