Наслов на активноста: Пораките патуваат…
Цели на активноста:
*детето да се запознае и да ги прошири своите знаења за поимите пошта, поштенско сандаче, поштар …..
*да се развиваат способностите за слушање, разбирање и емоционално доживување на содржината на драмскиот текст
*да се збогатува речникот со зборови кои означуваат поопшти поими
*развивање на фината моторика на раката, дланката и прстите и координација око-рака
Потребен материјал: картон, лепак, ножички, украсна хартија, фломастери, колаж хартија….
Тек на активноста:
Во пресрет на Новата Година, сите се весели и расположени, а најмногу децата. Се украсуваат елки, се купуваат подароци, се праќаат честитки и писма на луѓе кои ни се блиски и секако на Дедо Мраз!
Но како писмата, честитките и подароците патуваат? Каде ги оставаме? Кој ги носи?
Поттикнете го детето да размисли за овие прашања и да ви одговори. Прифатете ги сите негови одговори, а потоа за подобро да се запознае со тоа како може да испраќа и да прима подароци и честитки, прочитајте му го драмскиот текст „Пошта“
ПОШТА
Мартина: Што прави Сара? Работата нејзина ми изгледа тешка, а таа си работи и си се смешка!
Калин: Не е многу тешка работа, завиткува кутија со украсна хартија!
Мартина: Зошто завиткува кутија со украсна хартија?
Калин: Тоа е подарок, пакет или пратка. Во кутијата има играчка, боички, молив и тетратка!
Мартина: А, зошто ги става во кутија и ги завиткува во хартија ?
Калин: Ќе ги испраќа по пошта, на братучетка и во Франција!
Мартина: По пошта? (зачудено) Кога бев со мама на прошетка, ги сретнавме нашите сосетки, рекоа дека одат во пошта да платат сметки!
Калин: Да, во пошта со пари се плаќаат и сметки, но се испраќаат и писма и пратки, на релации подолги и пократки!
Мартина: Тоа значи на места далечни и не многу далечни, се испраќаат писма и пратки најразлични?!
Калин: Да, така сега Сара на својата братучетка во Франција и испраќа подарок во кутија, завиткан во украсна хартија. На него ја пишува адресата, а во аголот лепи сликичка, која се вика поштенска марка.
Мартина: И кога ќе стаса подарокот? За еден или за два дена!
Калин: Може за еден ден, не знам, а може и за два дена. Но сигурно знам дека ќе стаса, зошто со поштенската марка, поштарината е платена!
Мартина: Поштарина? Што е пак сега тоа?
Калин: Тоа е цена, колку пари пишува на марката – толку пари чини патот на писмото. Ако се праќа подалеку, цената е повисока!
Мартина: Знам што е писмо, се пишува и се става во плик. А, може и честитка. Тие се ставаат во жолто поштенско сандаче пред зградата на оградата!
Калин: Е, тоа е поштенско сандаче. ЧИЧКО ПОШТАР ќе ги земе од таму, ќе ја прочита адресата и ќе им ги однесе на тие на кои што им ги испраќаш дури до врата!
Мартина: Прекрасно, јас ќе напишам новогодишна честитка, за сите мои братучетки. По пошта ќе ги испратам и така Новата Година ќе им ја честитам! А може ли на братучетка ми Мила, да и испратам една кукла самовила?
Калин: Може, секако. Само треба да избереш дали ќе патува со авион или некако поинаку!
Мартина: Како тоа со авион?!
Калин: Ако сакаш да стаса побрзо, тогаш патува со авион, а ако не ти се брза еее, тогаш ќе го чекаш поштарот да и ја однесе, само да не го фати мрза. Ха, ха, ха! (се смее)
Мартина: Лани од Канада мојата тетка Ратка, ми испрати за Нова Година најубава честитка и пратка, многу слатка – Пакетчиња со разни бонбончиња, а на дада, гооолема чоколада!
Калин: Мене и на моите родители сите роднини и пријатели, честитките ни ги испратија преку електронска пошта. Тоа сега е најбрзо и најмодерно!
Мартина: А вие им пративте ли честитки?
Калин: Да, секако преку електронска пошта се испраќаат сликички разни, со желби и цвеќиња прекрасни!
Мартина: Супер, тогаш чичко поштар може да одмара повеќе, не само во сабота и недела. Тој тогаш ќе нема многу работа. Ха, ха, ха !!!(се смее)
Започнете разговор со детето за содржината на драмскиот текст, објаснете му ги непознатите зборови и охрабрете го истиот да го прераскаже.
Доколку сте во можност однесете го детето до блиската Пошта и заедно пратете некоја честитка или цртеж на некој ваш близок.
Откако ќе се вратите во топлината на домот, предложете му на детето да изработи поштенско сандаче. За изработка е потребно: картон, ножички, лепак, фломастери, колаж хартија и сл. По претходно исцртана контура, детето самостојно треба да го исече поштенското сандаче и да го состави. Нека биде креативно, нека се препушти на фантазијата и нека се забавува.
На крајот пофалете го детето за креативноста и готовата изработка.
Подготвил: Воспитувач – Виолета Стефановска