Како се дочекува Дедо Мраз кај децата од светот – Откривачка игра

Наслов на активноста: Како се дочекува Дедо Мраз кај децата од светот – Откривачка игра

Цели на активноста: 

-да се поттикнува флексибилно и дивергентно мислење, во поглед на користењето и комбинирањето на расположливи ресурси во истражувањето
-да се развива способнста за слушање со внимание
-да се воведува во користење на говорот, како средство за изразување на своите мисли, чувства и доживувања 

-да се оспособат за воочување и одбирање на материјали од непосредната околина за ликовно изразување

Потребен материјал: енциклопедија, google, youtube, парчиња ткаенина, лепак, ножички…

Тек на активноста:

Во секоја земја без исклучок, постои Дедо Мраз како симбол за Нова Година. Децата му пишуваат писма, му оставаат колачиња под елката, за кога ќе дојде да им го остави подарокот, а возрасните се маскираат во него и се обидуваат да ја заживеат магијата која тој ја носи со себе.

Но дали Дедо Мраз е секаде ист?

Освен што носи различни имиња, Дедо Мраз во различни делови од светот различно се облекува, па еднакво е  интересно да слушнеме и видиме како жителите на нашата планета, го замислуваат новогодишниот јунак.

Јас ќе ви раскажам накратко за Дед Мороз од Русијa и за Дун Че Лао Рен од Кина, а вие заедно со вашето дете можете да истражите и за другите земји чии слики ќе бидат во прилог.

Дед Мороз е легендарна фигура слична на нашиот Дедо Мраз. Традицијата за Дед Мороз е многу важен дел од Руската култура. Дед Мороз е прикажан како некој, кој им носи подароци на децата кои добро се однесувале во текот на годината и најчесто лично им ги предава на новогодишната ноќ. Дед Мороз секогаш го придружува Снегурочка, неговата внука која многу му помага. На главата носи снегулка како круна, позната е и по името Настјенка. Дед Мороз на себе носи крзнен капут долг до неговите пети, полукружна крзнена капа и „валенки“ на нозете. Има долга бела брада и оди со долг волшебен бастун. Најчесто патува со троика – двоколка што ја влечат три коњи. Според верувањата, Дед Мороз живее во шумата Бијаловиеза.

Во Кина има една група жители кои го слават Божиќ, што го нарекуваат Sheng Dan Jieh или фестивал на светото раѓање. Вообичаено е за децата да закачат чорапи, со надеж дека ќе добијат подарок. Понекогаш Дедо Мраз го нарекуваат Кhoong што би го превеле како – Добриот стар дедо.

За да ви биде позабавно, ви предлагам заедно со вашето дете да се обидете – да изработите облека на некој интересен Дедо Мраз, што ќе го одберете од сликите подолу. Како материјали можат да ви послужат разни парчиња ткаенина, што ќе ги најдете дома. Кога ќе ги исечете деловите од облеката залепете ги на лист од блок и изработката ставете ја под елката – Можеби кога ќе дојде нашиот Дедо Мраз, ќе му се допадне новата облека и ќе ти остави мнооогу подароци!!!

Ви посакувам прекрасни новогодишни празници и чувајте се. ☺

Подготвил: Воспитувач – Ружица Митровиќ