“Дедо Мраз имам желба јас…”

Наслов на активност: “Дедо Мраз имам желба јас…”

Цели на активноста:

– Продлабочување на детските знаења за Дедо Мраз

– Да се оспособи своите размислувања да ги пренесе на цртеж

– Да научи да ја користи својата имагинација и креативно да се изрази

– Да се оспособи за работа со разни материјали од непосредната околина

Потребен материјал: бели листови, боички по избор не детето, колаж хартија, лепак, украсни материјали…

Тек на активноста:

Новогодишните празници се толку магични! Нив ги поминуваме со своите најблиски! Весели и насмеани сме, затоа што новогодишните празници ни носат многу радост и среќа! 

Пред да ни дојде Нова година, ние китиме новогодишна елка со лампиони, се радуваме на секоја светилка околу нас, целиот град е украсен и светка ли, светка… испраќаме новогодишни честитки, пишуваме писмо на Дедо Мраз……се радуваме на доаѓањето на веселиот и насмеан лик! 

Се е волшебно наоколу….Дедо Мраз е лик, кој им е омилен на сите деца во светот. Сите дечиња од светот имаат по некоја неостварена желба и таа желба ја запишуваат на лист хартија или ја цртаат за да му ја испратат на Дедо Мраз. 

Ајде сега да побрзаме и да му нацртаме на Дедо Мраз – која е нашата желба што посакуваме да ни ја исполни!

Разговарајте со вашето дете за неговата новогодишна желба. Што посакува да му донесе за подарок Дедо Мраз? Дали било послушно? Дали Дедо Мраз ќе ги исполни желбите? Дали има една или повеќе желби? Објаснете му дека Дедо Мраз е веќе тргнат на пат и ќе ги посети сите дечиња.

Понудете му на вашето дете – бел лист и боички. Нека ја нацрта својата новогодишна желба! Потоа поттикнете го, да ви каже, што има нацртано на неговиот цртеж. Од друг лист (бел или во боја), заедно направете плик, во кој ќе го ставите цртежот на вашето дете. Потоа залепете го пликот, а детето по негова желба, самостојно нека го украси – со апликации од колаж хартија (исечени со ваша помош – за помалите деца) или со разни украси, лентички, циркони, светки… – кои ги имате дома. 

Детето нека го закачи пликот со новогодишна желба на новогодишната елка – за да може Дедо Мраз, да ја види желбата и да му ја исполни. Пофалете го за успешно завршената работа.

Ви посакувам интересна забава. Ги очекуваме Вашите фотографии со креативните изработки!!!

Подготвил: Воспитувач – Јелена Мирческа