Наслов на активноста: Сликовница -“Царевата нова облека”
Цел на активноста:
– Развој и негување на поврзаниот говор
– Збогатување на детскиот речник со нови зборови
– Запознавање со содржината на сликовницата
Тек на активноста
Какви пораки им испраќаат ликовите од приказните на децата. Децата треба да бидат подучувани и испирирани со една единствена цел – да бидат духовно и физички слободни, тоа е она што на децата им недостига. Слобода да имаат, раскошно и среќно детство и безгрижно да уживаат во детската игра и смеа. Во детската литература се застапени безброј ликови, кои се јавуваат како херои, победници, мудри или горделиви ликови, кои подоцна им стануваат идоли на децата.
Прочитајте му ја на Вашето дете, приказната:
ЦАРЕВАТА НОВА ОБЛЕКА
Многу одамна живееше еден горделив цар, чија единствена грижа во животот беше да се облекува во убава облека. Тој ја менуваше облеката речиси секој час и сакаше да се покажува пред луѓето . За оваа негова навика знаеја низ целото царство и подалеку.
Двајца измамници, кои слушнале за слабоста на царот, решија да извлечат полза од неа. Така, тие пристигнаа пред портите на царската палата, со смислен план. „Ние сме кројачи и измисливме нов, необичен начин на шиење облека, толку лесна и убава, како да е невидлива! – објавија тие.
Чуварот му кажа на дворјанинот, дворјанинот му кажа на советникот, кој побрза да му раскаже на царот за неверојатната вест. Царот беше љубопитен и одлучи да се сретне со двајцата кројачи. Измамниците се поклонија пред царот и рекоа: „Ние можеме да сошиеме посебна облека, која е видлива само за паметните луѓе, Ваше Височество”.
Царот им даде вреќа со злато и рече: „Само кажете што ви е потребно за почеток, тоа ќе ви дадеме“. Кројачите побараа разбој, свила и златен конец. Им дадоа и голема соба во царската палата. Навечер, кога беа сами, тие и се смееја на царската наивност и на нивната итра досетка. „Ќе заработиме многу пари, на сметка на овoj наивен цар” – велеа кикотејќи се.
Пет дена подоцна, царот го повика својот советник и рече: „Оди и види како се одвива работата. Двајцата кројачи го дочекаа советникот – „Ние сме речиси готови со својата работа”, изјавија тие. Старецот се обиде да го види материјалот кој, всушност, воопшто не го гледаше. Но јас не гледам ништо – си помисли советникот – дали тоа значи дека не гледам добро? Но, ако го признаам ова, ќе бидам отпуштен од царската служба. И затоа гласно рече – “Колку прекрасен материјал! Сигурно ќе му кажам на царот за ова”. Измамниците задоволно ги триеја рацете.
Конечно, двајцата кројачи дојдоа кај царот за да му ја донесат новата облека. Се однесуваа како да имаат голема ролна ткаенина. „Повелете, Ваше височество, еве го резултатот на нашата тешка работа”, рекоа тие. „Погледнете ги боите и почувствувајте колку е пријатно платното”. Секако дека царот не можеше да види ништо или да почувствува нешто под прстите. Измамниците рекоа: „Ваше височество, ќе морате да ја соблечете Вашата облека, за да ја пробате новата“. Измамниците се преправаа дека му ја облекуваат новата облека.
“Дааа, ова е преубав костум и прекрасно ми прилега – зборуваше царот, трудејќи се да изгледа удобно. Направивте одлична работа”.“Ваше височество, имам молба до Вас” – рече советникот. “Луѓето слушнале за невообичаената ткаенина и сега се нетрпеливи да ве видат во новото руво”. Царот се колебаше дали да излезе без облека пред луѓето, но потоа ги надмина стравовите. „Не е важно. Нема никој да биде во можност да ме види, освен тие што не разбираат” , си помисли тој и излезе.
Како што поминуваше царот, така чудно мрморење се слушаше од толпата. Секој кажуваше доволно гласно, за да можат другите да го чујат: “Погледнете ја новата облека на царот. Преубава е! Колку прекрасна работа!” Всушност сите се обидуваа да го сокријат разочарувањето, затоа што не можеа да ја видат облеката. И бидејќи никој не беше подготвен да признае дека не ја гледа, сите и се восхитуваа на облеката. Одеднаш едно дете извика: „Царот е гол!“ и потрча кон царската поворка.
„Будалче!“, го прекори неговиот татко, трчајќи по него. „Не зборувај некултурно! – Го зграпчи синот и го однесе. Толпата ги слушна зборовите на детето и луѓето почнаа да ги повторуваат, се додека сите не извикаа: „Детето е во право! Царот е гол! Вистина е!” Царот ги слушна овие зборови, но одлучи да не им обрнува внимание. Помисли дека е мудро да продолжи со поворката, затоа што мислеше дека оние кои не ја гледаат неговата облека, не гледаат најдобро.
Царот стоеше гордо во својата кочија. Но, кога остана сам во своите царски одаи, сфати дека луѓето се во право. Тој беше измамен и наведен да верува во нешто што воопшто не постои. Царот можеше единствено да се смее на својата наивност и горделивост, кој го натераа да верува во се што ќе му кажат и да ги казни кројачите кои го измамија.
Објаснете му ги непознатите зборови на детето и обидете се заеднички да ја прераскажете приказната.
Посакувам да продолжите да ја негувате богатата книжевна ризница. Од сите нас и вас се бара само едно – да бидеме водичи и мотиватори во тој процес и да им овозможиме на децата да чекорат по животниот пат – како херои и победници, облеани со смеа, среќа и задоволство.
Подготвил: Воспитувач – Сузана Чурлинова