Наслов на активноста: (2 – 4г.) Како се грижиме за нашата облека – Бон тон
Цели на активноста:
– Детето да се оспособува кон запознавање на некои основни правила на однесување;
– Да се поддржува индивидуалниот пристап кон откривање и учење на нови работи;
– Да се поттикнува детето самостојно и упорно да изведува одредени активности;
– Да се збогатуваат сетилните искуства преку допирање на различни материјали;
– Да се охрабри самостојно да ја одбира, облекува и соблекува облеката;
– Да се поттикне грижлив однос кон облеката како важен дел од личната хигиена.
Потребен материјал: Слики (во прилог), разни видови облека за деца и возрасни, корпа за нечиста облека, машини за перење и сушење облека, даска за пеглање облека, електрична пегла, плакарот во детската соба, повеќе видови обувки.
Тек на активноста:
Убавото однесување се учи од мали нозе. Не е важно што само децата од благороднички семејства имаат кралски третман, секое дете може да се однесува како мала принцеза или принц. Зошто? Бидејќи така дава впечаток на учтива, културна и пристојна личност, покажува почитување кон другите луѓе и си ја олеснува комуникацијата со околината.
Според експертката Мика Мајер, специјализирана за кралскиот бон тон, постојат важни лекции, кои децата треба да ги научат веќе до десеттата година. Една од тие лекции е детето да научи да се грижи за својата облека, да научи соодветно да се облекува во дадена ситуација или за одреден настан.
Активноста започнете ја со разговор и набљудување на времето надвор. Објаснете му на детето дека сега е студено и ако сакаме да одиме на прошетка треба да облечеме јакна, шал, капа, ракавици, високи чевли, а ако врне ќе земеме и чадор. Потоа облечете се и излезете на прошетка, а притоа вниманието на детето насочете го на воочување на облеката која ја носат луѓето кои ги среќавате. Кога ќе се вратите дома, покажете му на детето каде треба да стои облеката, обувките, чадорот.
Влезете во собата на детето и отворете го неговиот плакар, покажете му како е наместена облеката, како треба да се чува и одржува (можете да ги користите сликите дадени во прилог). Кажете му на детето дека валканата облека треба да се одвои од чистата и да се стави во корпа за нечиста облека, која се чува во бањата.
Можете да одите во бањата заедно да ја ставите нечистата облека во машината за перење, да ја пуштите да се пере, а откако ќе се испере облеката спрострете ги алиштата или ставете ги во сушарата да се исушат.
Кога ќе се исуши, сортирајте ја облеката: поттикнете го детето да ја именува, да ја стави на одредено место во плакарот, испеглана и здиплена. Ојаснете му дека некои активности не смеат да ги прават, бидејќи може да се повредат како што е: не смеат да ја пуштат машината да пере или да пеглаат алишта.
Со децата зборувајте за облекувањето во разни ситуации: кога одат во градинка, на гости, на роденден, во театар, кога спортуваат, шетаат, што носат дома, кога играат во парк, во песочник, на плажа или кога спијат. Кажете му на детето дека – не е убаво облеката да се фрла на подот ако е чиста зошто ќе се извалка. Чевлите, чизмите, патиките, топлинките – исто така треба уредно да стојат во шкаф за чевли, но претходно да бидат исчистени.
Дозволете му на детето само да одбере каква облека ќе носи во текот на денот, но тоа да биде ограничен избор, а потоа нека ви објасни зошто ја одбра таа облека.
Продолжете да “учите” математика низ игра, така што ќе го прашате детето да покаже кој е преден, а кој заден дел од блузата, пантолонита; кој е горен, а кој долен дел од пижамите. Прашајте го дали има многу или малку облека, нека спојат еден чевел со друг, една чорапа со друга, нека ја класифицираат според тоа кому му припаѓа( на пример: моите маици, маиците на тато и сл.)
Но запомнете многу важно правило во бон тон:
-Никогаш не треба да се коментира нечиј надворешен изглед, доколку немате да кажете нешто убаво, односно да дадете комплимент. За вкусовите не се дискутира.
-Научете ги децата – како да даваат искрени и спонтани комплименти. Никој не е совршен.
Подготвил: Воспитувач – Мира Георгиевска