Наслов на активноста: (2 – 4г. ) ”Топла облека”- Драмски текст
Цели на активноста:
-Развивање на способноста за активно слушање и разбирање на содржината
-Поттикнување и развивање на мисловните процеси кај децата
-Развој на функцијата на говорниот апарат
-Збогатување на сознанијата за карактеристиките на зимата и заштита од студеното време со носење на топла облека
– Поттикнување на самостојноста во ликовното изразување
Потребен материјал: бел лист со нацртани или испечатени апликации од топла облека, дрвени, восочни боици
Тек на активноста:
На почетокот со вашето дете започнете разговор за карактеристиките на годишното време зима (промените во природата, студеното време, облеката што се носи во зима). Разговарајте за топлата облека и зошто треба да ја носиме. Поттикнете го да наброи и опише што е топла облека и како изгледа неговата (јакна, капа, шал, ракавици, чизми).
Предложете му на детето еден интересен драмски текст, во кој се зборува за топла облека.
Топла облека
Јана: Здраво Мила!…Каде си тргнала?
Мила: Здраво! Одам да го викнам Мете, да одиме заедно во паркот, да си поиграме на нишалките. Ќе дојдеш и ти со нас?
Јана: Ќе дојдам, но мислам дека не ќе можеме да се нишаме, нишалките се водени. Утрово на прозорецот слушам кап, кап…звукот на дождот ме разбуди. Го отворив прозорецот и веднаш го затворив, зашто почуствував дека надвор многу студи!
Мила: Да, времето е постудено, ветрот дува, ни бушави коси, нема веќе одење боси. Но не е ништо страшно, треба само потопла облека да се носи. Ако не се облечеме со потопла облека, може да се разболиме!
Јана: (покажува кон себе). И јас се облеков така…еве! Значи, кога времето е постудено и ветер дува, а може дожд да врне или снег да паѓа, треба да носиме топла облека, зошто здравјето така се чува!
Мила: Еве и јас, гледај! Кога врне дожд како сега, на нозете носам чизмички, за да не шлапнам во вирче. А да не накиснам цела, си носам мантилче и чадорче!…Ааа, еве го Мете, доаѓа. Здраво Мете! (Го поздравуваат и двете)
Мете: Здраво, бррр…малку студи, нели?
Јана: Е, токму за тоа разговараме. Колку времето е постудено, како да се облекуваме и здравјето да го зачуваме!
Мете: Кога времето е студено, за да не ми студи, за да бидам здраво дете, мојата баба џемперче ми сплете, со копчиња мазни, во бои разни. Еве (покажува) го носам. И баба ми, ми вели: ”Мете, мило бабино дете, во ова студено време, нозете да не ти се боси, чорапи секој си носи, кога ветер дува главата од студ со капа се чува!”…И еве, така се облеков!
Јана: Баба ти има право! Секој од нас за да биде здрав, треба топла облека да носи: џемпер, јакна или мантилче, капче, шалче, ракавички, чорапи, чизмички. Па нека студи и ветер нека дува, топлата облека од студ ќе не чува!
Мила: Сега сите знаеме. Здравјето за да го зачуваме, со топла облека се облекуваме!
Мете: Така е. Тогаш ајде да се прошетаме малку во паркот на воздух. Вака облечени со топла облека, студот ништо не ни може!
Мила и Јана: Ајде! (Заминуваат заедно)
Прашајте го детето дали му се допадна текстот. Преку разговор, со прашања повторете ја содржината, со истакнување на највпечатливите моменти. Доколку постои желба, можете да ги поделите улогите со членовите од семејството и да направите кратка драматизација.
На крај покажете му ги апликациите од топла облека и мотивирајте го по свој избор да ги обои.
Подготвил: Воспитувач – Билјана Андоновска