(4 – 6г.) “Бајка за Месечината” – Расказ

Наслов на активност: (4 – 6г.) Бајка за Месечината” – Расказ

Цели на активноста: 

-Воведување на детето во користење на говорот како средство за изразување на своите мисли, чувства, доживувања и поддржување во правилно, разбирливо говорење со умерена јачина и темпо на глас
-Развивање на способноста за слушање, разбирање и доживување на содржината на расказот
-Збогатување на речникот со зборови кои означуваат поопшти поими
-Поттикнување на способноста за елементарно оценување на карактеристиките на ликовите во содржината и нивните постапки
-Оспособување на детето да раскажува сопствени доживувања и размислувања по слушана содржина

Потребни материјали: слика, апликации Сонце и Месечина, разнобојни листови хартија, боички, лепило, сликарски прибор.

Тек на активноста:

Почитувани, кажувајќи ја гатанката Сонце го повикувате детето:

Силно свети,                                                                                               
топло грее,
не е ламба,                                            
печка не е!
                                                       
(сонце)

Навидум, лесната гатанка брзо ја одгатнувате и продолжувате со покана детето, заедно со вас да кажува брзозборка:

Ој, месечко жолт,                                        
ој, месечко мил,
                                       
те молам ко брат,
                                       
осветли ми пат.
                                                 

Повторувајќи ја повеќе пати, го забрзувате темпото на кажување, со што ненаметливо создавате пријатна и весела атмосфера, која воедно е солидна основа за воочување и именување временски односи, врзани со детските активности и дневниот ритам. Именувате “Ден – Ноќ “, “Утро – Пладне – Вечер”, “Сонце – Месечина”. Задржувајќи го детското внимание ја најавувате содржината именувајќи го насловот “Бајка за Месечината”, раскажувате – читате, секако подржувајќи ги основните компоненти на изразниот говор: темпо, интонација, пауза, модулација, ритам, акцент, за целосно да го мотивирате и концентрирате Вашето дете.

Бајка на Месечината

Еднаш Месечината многу се натажи.

Зошто си тажна сестричке? – ја праша Сонцето.

Тажна сум за децата – си шмркна со носето Месечината.
Само што ќе се разиграат, мораат в кревет на спиење. Јас останувам сама и будна цела ноќ. Кога децата се будни, на небото си само ти, а јас заминувам…- Кажи ми како да ти помогнам? – ја праша Сонцето.

Кога би сакало барам за малку да се замениме. Да ми дадеш да останам на небото само уште еден ден.

Добро – се согласи Сонцето.

Наместо наутро Месечината да се повлече на починок, таа остана на небото да свети и преку денот, а Сонцето си спиеше.

И, што се случи?

Ништо! Сите, па и децата продолжија да спијат во свиоте топли постели. Навистина, будилниците зазвонија, но никој не ги слушна, никој не се разбуди. Сите спиеја и сонуваа долго, долго…цела ноќ и цел ден.

Месечината само што не заплака.

Што ми вредеше да чекам, кога децата продолжија да си лежат под своите топли покривки?

Мила моја сестричке, – ја гушна Сонцето. – Ти не знаеш колку убави сонови сонуваа децата, додека ти ги галеше по образите со твоите нежни зраци. Многу од тие сонови ќе станат приказни и децата ќе си ги раскажуваат меѓу себе. А многу ќе ги запишат во книгите. За овие убавини децата ќе ти речат:

Благодариме драга Месечинке, што ни ги подари најубавите сонови, најубавите приказни на светот…

Оставете го детето неколку минути да ги среди впечатоците па поведете разговор и преку прашања навратете на највпечатливите моменти во содржината, со што воедно го прераскажувате дејствието. Пример: Зошто Месечината била тажна? Што побарала од Сонцето? Што се случило кога ноќта се продолжила и преку ден? Притоа зборувајте и Вие, потсетувајте го, охрабрувајте го и насочувајте го детето да зборува и конверзира со вас, поточно вербално да ги разменува мислите, впечатоците, чувствата од слушнатото и доживеаното. Со тоа го добивате вистинскиот момент за цитирање на пораката од расказот:

-Мила моја сестричке – ја гушна Сонцето. – Ти не знаеш колку убави сонови сонуваа децата додека ти ги галеше по образите со твоите нежни зраци. Многу од тие сонови ќе станат приказни и децата ќе ги раскажуваат меѓу себе. А многу ќе ги запишат во книгите. За овие убавини децата ќе ти речат:

-Благодариме драга Месечинке, што ни ги подари најубавите сонови, најубавите приказни на светот…

Вака мотивирано повикајте го детето, ликовно да ги презентира впечатоците, понудете му можности преку слика, преку изработка на ликови, преку игра на доцртување, игра на поврзување, преку цртање, декорирање, едноставно, оставете го детето впечатоците од оваа прекрасна бајка да ги пренесе на свој еднинствен начин. А заедно дајте си задача, вечер да ја набљудувате Месечината од вашиот прозорец.

Подготвил: Воспитувач – Бубе /Љубица Тасковска