Наслов на активноста: (4 – 6г.) Промени вo природата (цврста, гасовита, течна состојба) – Експериментални игри
Цели на активноста:
* Да се поттикне интересот кон истражување, манипулација и користење на различни средства и материјали во процесот на учење;
* Да се добие претстава за некоја природна појава и редоследот во нејзиното случување;
*Да се подржува детето во истрајноста во процесот на учење и откривање;
Потребен материјал: сад за чај, мраз, вода, тегла, калап за коцки мраз, чинија
Тек на активноста:
Откако детето се запозна и ги прошири своите знаења за метеоролошките појави и промени во природата, потребно е да се запознае со истите и преку практични примери – експерименти. За таа цел ви предлагам во домот, заедно со вашето дете, со помош на материјали кои се наоѓаат во секое домаќинство, да направите неколку експерименти.
*За почеток потребно е детето да се запознае со својствата на водата (течна, цврста и гасовита), а тоа најлесно се постигнува на следниот начин:
-Цврста состојба – Во калап за коцки мраз, детето нека стави вода и нека ја остави неколку часа во замрзнувач.Откако ќе помине доволно време 2-3 часа, побарајте од детето да го извади калапот од замрзнувач и да ви каже што забележува. Извадете една коцка, дајте му ја во раката и нека ја допре, нека ја почувствува, а притоа поттикнувајте го да ви каже што забележува (коцката е цврста, студена на допир…). Објаснете му дека водата сега се наоѓа во цврста состојба.
–Течна состојба – Коцките лед кои ги извадивте од замрзнувачот, оставете ги извесно време надвор на собна температура и поттикнете го детето да набљудува што ќе се случи со мразот – потребно е да дојде до самостоен заклучок, дека водата се растопила и преминала во течна состојба.
-Гасовита состојба – Водата ставете ја во сад за чај, на оган и загрејте ја. Дозволете му на детето да набљудува, да открива и да се забавува, а притоа да дојде со ваша помош до заклучок дека, водата не исчезнала туку преминала во гасовита состојба.
Откако го запознавте детето со трите состојби на водата, предложете му една забавна активност, поврзана со временските услови – Ајде да врне дожд внатре!
За експериментот ви е потребно: сад за чај, мраз, вода, тегла и чинија. Во садот за чај, потребно е да зовриете вода. Откако ќе зоврие водата, внимателно истурете ја во тегла, отприлика 1/3 од теглата да е исполнета со врела вода. Потоа побарајте од детето, чинијата да ја стави на горниот дел од теглата, каде се наоѓа отворот. Поттикнете го да набљудува и да ви каже што забележува. По извесно време побарајте од детето на чинијата да стави коцки лед и додека го прави тоа разговарајте. Водата ќе почне да се слева низ внатрешноста на теглата. На тој начин детето само успева да направи дожд.
Имајте интересна недела исполнета со игра, истражување и стекнување на нови знаења.
Подготвил: Воспитувач – Виолета Стефановска