(2 – 4г.)“Кој не лекува кога сме болни”  – Насочен разговор

Наслов на активноста: (2 – 4г.)“Кој не лекува кога сме болни”  – Насочен разговор

Цели на активноста:

*Да се запознаат децата со професијата лекар;
*Да се запознаат со инструментите што ги користи лекарот;
*Да се поттикне грижлив однос кон сопственото здравје;
*Да се збогати активниот речник кај детето;
*Да се развива способноста за изразување со куси целосни реченици;
*Да се поттикне самостојноста во користењето на различен ликовен и останат неликовен материјал.

Потребен материјал: инстументи на лекарот (играчки), ликовен материјал, разновиден материјал, лепак, ножички…

Тек на активноста

 “Здравјето за човекот е најголемото богатство”

Активноста започнете ја со разговор со вашето дете. Објаснете му дека денес ќе зборувате за ЧИЧКО ЛЕКАР. Прашајте го вашето дете дали се сеќава кога е настинато, кога му тече носето и кашла, каде го носите – На лекар! Што прави лекарот кога сме болни? – Ни го прегледува грлото, ни прави диши – не диши на градите и грбчето, ни мери температура и ако треба ни препишува сирупче на рецепт, што ќе треба да го примиме за да оздравиме. Како не прегледува лекарот, со што? – Со неговите инструменти, што ги има во неговата лекарска ординација. Тоа е стетоскоп, шпатули за преглед на грлото, има и инекција, топломер – за да ни ја измери темпратурата. Сето тоа си го има лекарот во своето куферче со инструменти.

Прочитајте му го текстот на вашето дете за полесно да ја разбере професијата лекар.

= Смешка на лекар =

Ноември стапи, дождец и ветре зафати, па Смешка кај лекарот мора да сврати. Малку кашла, носето и тече. Мора во амбуланта да се оди, мама ќе ја води.

Не е ништо страшно, секое дете кога летото ќе мине, можно е од промената на времето малку да настине. Сега е ред на направиме преглед. Со стетоскоп по телото на Смешка, диши  -не диши лекарот направи и забележа дека органите се здрави. Потоа со шпатули во грлцето проверува и гледа дека тоа од воспаление поцрвенува. Па со топломерот температура мери и гледа дека температурата се покачила. Смешка на масата виде шприц и  игла, но таа знае дека тоа понекогаш е потребно за да се оздрави, за да се биде здрав и затоа од боцкање нема страв. 

На рецепт лекарот и препиша лек и и кажа на Смешка каков сируп да пие. И препорача чајче и лимонада да пие и овошје и зеленчук да јаде, но претходно да го мие. Смешка сега знае дека на лекар не е страшно да се оди, но најважно е грижа за здравјето да се води.

Разговарајте со детето за содржината на текстот. Поттикнете го преку кратки прашања – одговори, заедно да го прераскажете текстот.

/ Доколку ги имате дома инструментите на лекарот како играчки, импровизирајте лекарска ординација. Имитирајте некои од активностите кои се изведуваат во ординација. Разгледувајте го и играјте со лекарскиот прибор. Мерете висина и тежина.

/ Разговарајте со детето за неговите чувства кога е болно. Што најчесто го боли? Објаснете му на детето дека, лекарот е човек кој знае се за човечкото тело. Лекарот може да ни помогне кога сме болни. Именувајте кои делови од телото лекарот ги лекува.

/ Како ќе ги заштитиме другите од болката што ние ја имаме? Ќе употребуваме рака! Секогаш кога кашламе, ќе ја ставаме раката на уста! Секогаш кога киваме, ќе го направиме истото! Може да употребуваме и тоалетни марамчиња за оваа цел!

/ Како ликовна игра, можете на бел лист да ги нацртате инструментите на лекарот и детето да ги бои со соодветната боја. Можете и заедно од разновиден материјал да изработите некое од инстурментите зависно од желбата на вашето дете.

/ Додека вашето детето изведува некои активности имитирајки го лекарот во импровизираната лекарска ординација, пуштете му ја песничката “Ало амбуланта”- од Верица Каранфиловска.

Подготвил: Воспитувач – Јелена Мирческа