Возрасна група: 4 – 6г.
Наслов на активноста: (4-6г.) Системот за варење – разложувач на храната – Разговор
Цели на активноста:
-Стекнување на елементарни знаења за човековото тело и некои негови делови;
-Да се развива способност за користење на истражување и набљудување за учење и откривање;
-Да се развива иницијативност и да се поддржува во неговата самостојност за изборот на материјалите за истражувачките активности;
Потребен материјал: постер, слики, разновиден ликовен материјал,енциклопедии, шаблони…
Тек на активноста:
Храната претставува гориво за организмот. Протеините што се наоѓаат во месото и јаткастите плодови, ги зацврснуваат мускулите. Рибата и млекото содржат калциум, кој помага во растот на коските. Лебот и тестенините содржат јаглени хидрати, кои му даваат на телото енергија, додека пак овошјето и зеленчукот, му ги даваат потребните витамини. Токму така Почитувани, откако ги освеживме знаењата на Нашите најмили и ги потсетивме за важноста на храната и хранлите состојки кои му се неопходни на нашиот организам за правилен раст и развој на човекот, фокусот ставете го на ПАТОТ НА ХРАНАТА. Со помош на слики кои се поставени подолу, Поттикнете ја жедта на Нашите најмили за нови сознанија, а воедно Охрабрете ги да истраат во истите. Најнапред варењето започнува со устата. Забите ја ситнат храната и ја мешаат со плунка. Храната од устата до стомакот минува низ ХРАНОПРОВОДОТ. ЦРНИОТ ДРОБ пак, му помага на телото да се ослободи од штетните материи што ги внесуваме со храната. Во ЖЕЛУДНИКОТ, храната се меша со желудочната киселина и станува течна. Продолжете да го Мотивирате детето низ слики и фотографии. Во ТЕНКОТО ЦРЕВО се апсорбираат здравите и хранливи материи во крвта. Да не ја заборавиме и водата која му е неопходна на телото исто како и храната. БУБРЕЗИТЕ го собираат вишокот на течности со штетните состојки од крвта и го претвораат во моч. ДЕБЕЛОТО ЦРЕВО ја впива солта и водата од остатоците храна. Остатоците од храна влегуваат во РЕКТУМОТ и го напуштаат телото низ АНУСОТ.
Идеи за креирање и изработки следат во продолжение. Оставам на Вас да ме изненадите со креации, кои го објаснуваат системот за варење на храната.
Се одјавувам Почитувани до следното ,,виртуелно видување ‘’- Ве оставам со позитивна мисла – здравјето, среќата и љубовта да бидат Ваше секојдневие.
Подготвил: Воспитувач – Јасмина Трпчевска