(2-4г.)Што се случува во шумата во есен – Кој, каде ќе зимува? – Разговор по слики

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: (2-4г.) Што се случува во шумата во есен – Кој, каде ќе зимува? – Разговор по слики

Цели на активноста:

– Да му се овозможи на детето стекнување претстави и поими за животните во шумата;
– Препознавање, именување и опишување на неколку шумски животни, нивните живеалишта и исхрана;
– Да се поттикнува и поддржува користењето на сетилата при запознавање и примање на податоци од природата и околината;
– Да се развива самостојноста на детето за говорно изразување во конкретни ситуации.

Потребен материјал: слики од шумски животни, сликовници за шумски животни, играчки шумски животни, компјутер.

Тек на активноста:

Разговарајте со вашето дете за поимот шума. За да стекнат подобра претстава покажете им слики од шума или документарен филм. Во шумата има многу дрвја, трева, цвеќиња, грмушки, печурки, плодови, но шумата е дом на разни животни и тие се викаат шумски животни. Тоа се: мечката, волкот, лисицата, еленот, срната, зајакот, ежот, дивата свиња и многу други.

Покажете им слики од наведените животни нека ги погледнат, а потоа нека се обидат да ги именуваат.

Анализирајте ги заедно по надворешен изглед: телото им е покриено со крзно, имаат шепи – место раце, некои имаат подолги, некои пократки опавчиња, имаат остри заби.

Потоа објаснете му на детето дека есента е годишно време кога животните во шумата добро се подготвуваат да ја преживеат зимата: собираат храна, прават скривалишта, а други си ги подготвуваат своите живеалишта со гранчиња, мов, суви лисја и пердуви. Некои животни добиваат погусто топло крзно, некои ја менуваат бојата на крзното, за да можат полесно да се скријат. Мечката спие во пештерата, а одвреме, навреме се буди, станува, се шета, бара храна и пак заспива. Верверичката прави резерви од лешници, ореви, шишарки во својата куќичка на дрвото каде што презимува.

Ежот спие во зимски сон во својата куќичка што ја прави во дупка под земјата со мов, суви лисја и трева.

Зајаците и елените собираат гранчиња и кора од дрвјата, лисја и мов.

Лисицата и волкот не се подготвуваат за зима, ловат полски глувчиња, птици и талкаат низ шумата.

Со оглед на возраста на детето овие информации се многу, така што најдобро е да продолжите низ игра да му ги пренесувате своите знаења и искуства за шумските животни. Еве неколку идеи:

– Направете макета на шумата во доцна есен, така што ќе употребите мов, суви гранчиња, есенски лисја. Со камчиња, глина, пластелин, весникарска хартија, направете живеалишта за шумските животни, а потоа земете играчки животни и ставете ги пред своите живеалишта.

– Волшебна торбичка – земете една платнена торбичка или картонска кутија и во неа ставете сликички или играчки шумски животни. Детето нека извлекува една по една од сликичките (животните), нека ги препознава, именува, опишува нека раскаже се што знае за тоа шумско животно.

– Понудете му на детето да го бои по контура омиленото животно или моделирајте со зеленчукови или овошни плодови, шумски животни.

– Најдобро би било да прошетате и да ја посетите Зоолошката градина, каде што детето ќе може да ги набљудува шумските животни.

Забавувајте се и пратете ни фотографии од вашите заеднички активности.

Подготвил: Воспитувач – Мира Георгиевска