Возрасна група: 2 – 4 години
Наслов на активноста: (2-4г.) Дидактичка игра на поврзување – ‘’ Кое животно каде живее’’
Цели на активноста:
- Да се поттикнува детето да развива радост и задоволство од успешно завршената работа.
- Детето ги набљудува и опишува карактеристиките на животните
- Да се поддржува индивидуалниот пристап кон откривање на нови работи
Тек на активноста:
- Многу моменти од секојдневниот живот на Вашето дете, можете да ги искористите како момент за игра и учење. За секој родител голем е предизвикот да му помогне на своето дете, да го охраби и поттикне уште во најраната возраст.
- Кога почнуваме разговор за шумските животни, треба да знаеме дека шумите и други шумски предели се нивно природно живеалиште. Шумата е заедница на шумски дрвја, други пониски растенија и шумски животни.
Планините се дом на многу различни видови животни како што се: верверичка, волк, еж, дива свиња, лисица, зајак, мечка, желка, елен, Јазовец и др.
Верверица – живее во дрвјата на листопадните и иглолисните шуми. Најмногу јаде зрнеста храна, лешници, желади, а понекогаш и јајца што ги краде од птичјите гнезда.
Волк – живее во добро организирана глутница. Волкот е месојадец и најчесто ги лови крупните тревопасни цицачи.
Еж – живее во грмушки, на работ од шумите, по полиња, градините. Ежот лови ноќе и се храни со копнени безрбетници (црви, пајаци, полжави, гасеници итн.).
Дива свиња – живее во шумските предели. Дивата свиња е сештојадно животно и се храни со желади, диви костени, семиња, компири, но и со полски глувци и стаорци.
Зајак – Зајакот е вегетаријанец и се храни со: трева, зрна, гранчиња, растенија и плодови од грмушки – како дивата малина. Зиме се храни со гранчиња, пупки и со кора од некои дрвја.
После разговорот со детето, Ви предлагам да играте една игра, која лесно се поставува во домашни услови.
Се прави порта со две ленти помеѓу два стола. Ѕвончето е врзано на средината на лентата. Детето стои пред портата, се приближува до sвончето, го удира со рачето и прашува, кој живее во таа куќа? Вие му покажувате слика на животното и детето треба да го препознае и именува. Ако го погоди животното, може да влезе во куќата преку портата, ако не погоди, повторно ја повторувате играта со покажување на слика од друго животно. Играта ја повторувате, се додека детето покажува интерес за истата.
Откако ќе го запознаете детето со шумските животни и нивниот дом, продолжете со дидактичка игра со поврзување. Во прилог се ставени цртежи со животните и нивниот дом. Испринтајте ги поставените задачи, помогнете му на детето да ги обои и секако да го поврзе секое животно со својот дом.
Подготвила – Наташа Бинова