Возрасна група: 4 – 6 години
Наслов на активност: Сакам да знам – Зошто мозокот треба да го храниме – Зошто моето тело треба да се одмори – Зошто морам да спијам?
Цели на активноста:
-Стекнување на сознанија за човекот како суштетство од природата, во поглед на биолошките функции;
-Поттикнување и поддржување на истражувањето кај децата, со цел збогатување на нивното искуство, полесно осознавање на карактеристики, функции и категоризирање на фактори битни за човековото тело и здравје;
-Стекнување на сознанија за значењето на консимурањето на здрава храна, телесните вежби и одморот;
-Развивање на визуелната перцепција, визуелно помнење, мисловните процеси кај детето и поддржување на самостојност во откривање, разликување и именување на деловите и органите на човечкото тело;
-Развивање и користење на говорниот јазик и збогатување на детскиот речник со нови зборови и поими;
Потребни материјали: Енциклопедија “Човеково тело”, книга за деца “Mашината – човек”, слики, детски списанија, сликовница “Од каде ни се мускулите” и работен лист “Деловите со нивното место на телото”.
Тек на активноста:
Почитувани, кажувајќи ги стиховите “Делови од моето тело” го повикувате детето:
Денес Смешко и Смешка
разговараа, повторуваа, се испрашуваа,
деловите од своето тело
ги истражуваа.
Прв се јави Смешко:
– Тоа е тешко!
– На еден врат, цела глава стои,
а на неа – очи нос и уста,
па дури и коса густа!
Се насмевна Смешка и додаде без грешка:
две рамена – две рачиња, а на нив две дланчиња,
на секое дланче по пет прсти стојат
и сите заедно до десет можат да бројат.
Две нозе – две стапала и на нив по пет прстиња,
секаде сложни, секогаш заедно,
чекор по чекор без да се мачат,
дури и на планина можат да се качат!
И така Смешко и Смешка,
без ниедна грешка,
едно по едно, ги наредија смело
сите делови од своето тело!
/Патем потикнете го детето да покажува, да имитира, поддржува и да се движи адекватно на дејствието на содржината/.
Средувајќи ги впечатоците, разговорот го проширувате и кажувате:
-Нашето тело има коски и мускули. Со нивна помош се движиме, трчаме, играме. Во внатрешноста на телото имаме внатрешки органи. Продолжувате Вие и покажувате на слика. Во градите имаме срце и бели дробови, со чија помош дишеме. Стомачните органи, како желудникот и цревата имаат главна улога за варење на храната. А, низ крвните садови на нашето тело тече крв, што им носи храна на нашите органи. Во главата е сместен мозокот, кој управува со сите функции на нашето тело. Мозокот е како компјутер, само што е многу посовршен. Тој управува со телото и ни овозможува да зборуваме, да допираме, да се сеќаваме, да мислиме, да се движиме… Поточно, мозокот преку нервите, добива известување за секоја промена во телото. Тогаш тој смислува што треба понатаму да прави. Појаснувате со пример: Окото гледа. Мозокот како да вели “Гледам шарена пеперутка. Мускули на рацете и нозете, придвижете се да ја фатиме”. Заедно заклучувате: Мозокот и сите останати органи во нашето тело создаваат една единствена жива машина, наречена машина – Човек со која живееме, го разбираме и осознаваме светот. И токму тогаш, поканете го, насочете го и поддржете го вашето дете да именува, раскажува и набројува фактори, значајни за здравјето и безбедноста на органите и сетилата на човековото тело.
-Вие потврдувате: Затоа треба секојдневно да се грижиме за здравјето на нашето тело, треба да внимаваме тоа да биде чисто и силно. За добро здравје потребно е секојдневно вежбање и спортување. Треба да јадеме здрава разновидна храна, полна со витамини и минерали, да пиеме млеко, свежа и чиста вода и сокови од природни овошни плодови. Така коските ќе растат побрзо, мускулите ќе бидат појаки, а мозокот ќе решава најтешки загатки.
-Сега е добар момент пред детето да откриете нова – непозната слика – сложувалка од 5 – 6 елементи во себе. Оставете го неколку минути да гледа и опсервира, па заедно растурете ја. Потоа побарајте од него да каже што се забележало на таа слика, да наброи и да ја подреди сложувалката. Во прилог можат да послужат друштвени игри, бројни игри со правила, со парни слики и мемо игри. Повторно повикувате со стих:
В ноќта темна
мрак штом падне,
в постела сонувам сон,
а на небото сјајна ѕвезда
разлева тивок ѕвон.
Продолжувате – За здраво тело и здрав дух најважен одмор е спиењето, со објаснување: Ние спиеме лежејќи, бидејќи во таа положба нашето тело најлесно се одмара. Тогаш сите мускули се опуштени. Дишењето и работата на срцето се забавува, дури и мозокот се одмара. Освен тоа, нашето тело најмногу расте додека спиеме, затоа бебињата спијат најдолго, а дечињата како тебе треба да спијат окулу 10 часови. Значи, спиењето не прави весели, здрави и ни дава сила за утрешните игри.
Задоволството од разговорот и слушнатото досега, докомплетирајте го со изведување вежби за смирување, вдишување и издишување, вежби за фокусирање и визуелизација, секако придружувано од тоновите на тивка, релаксирачка музика.
Подготвил: Воспитувач – Бубе /Љубица Тасковска