Дождовни капки – Ликовна игра

Возрасна група: 2 – 4 години
Наслов на активноста: Дождовни капки – Ликовна игра
Цели на активноста:
-Поттикнување и оспособување за користење на разновидни ликовни материјали и техники
-Развивање и поттикнување на креативноста и креативното размислување кај децата
-Развивање на фината мускулатура и координацијата око-рака
-Негување и развивање на интерес и љубов кон уметноста и креативното изразување
-Поттикнување на самостојноста во користењето на ликовниот материјал

Тек на активноста:
Убава е есента.. Жолта, шарена, дождовна.. Искористете ги топлите есенски денови и излезете на прошетка со вашето дете, набљудувајќи ги промените во природата и околината. Можете и од вашиот прозорец да погледнете и да ги наброите карактеристиките на есента – жолтите паднати лисја, постуденото време и.. дождот, без кој есента не може. Ќе застанете тука – дождот ни треба – ќе го опишете заедно и се што е поврзано со него, развивајќи го креативното размислување кај децата. Користете прашања со кои ќе ги “размрдате” детските мозочиња и ќе ги поттикнете да мислат поинаку – (за поголемите) .. “Зошто дождот паѓа? Каква боја има?Дали е мокар или сув?”

Потоа заедно насликајте го дождот, направете колаж, печатете со прсти, во зависност од интересот и возраста на вашето дете. На пример: Слика бр.1 /Печатење со ролни од тоалет хартија. Слика бр./2 Печатење со прсти. Слика бр.3/ Сликање со бои. Слика бр.4/ Колаж, комбинирани техники.
Материјали кои ќе ви бидат потребни се: листови, бои, ролни од тоалетна хартија, памук, разни материјали за колаж и се она што ќе ве инспирира.

Подготвил: Воспитувач – Билјана Пушкин