Возрасна група: 4 – 6 години
Наслов на активноста: Одредување на положбата на предметите во однос на себе и вербално искажување на односите: блиску-далеку
Цели на активноста:
-Да се развива способноста за искористување на играта и игровните активности во функција на учење и откривање;
-Да се развива способноста за активно решавање на проблеми, согласно со развојните и индивидуални карактеристики;
-Да се оспособува детето за просторно ориентирање и вербално искажување на односите и меѓу предметите
Потребен материјал: предмети што ве опкружуваат, блиската околина, игровен материјал, серија слики…
Тек на активноста:
За да се приспособи човекот во средината во која живее од суштествено значење е неговото просторно ориентирање. Детето уште со раѓањето, почнува да го перцепира просторот и постепено да доаѓа до сознание дека меѓу предметите, луѓето и настаните постои некој однос. Воведувањето на детето во ориентирање во просторот е од големо значење за неговото правилно комуницирање со околината.
Воведувањето на детето во ориентирање во просторот се предвидува да се реализира во три фази. Како прво, детето треба да умее да ги разликува просторните правци, поаѓајќи од себе, потоа определување на местата на предметите во однос на него и на крај опрделување на местата на предметите во однос на друго лице или предмет.
Како детето да ја определи положбата на предметите во однос блиску-далеку? Ви предлагаме организирани насочени активности преку игра, за да ги утврди детето овие односи.
Излезете на прошетка до блиската околина, дворот или пак нека биде во вашиот дом, соба и заедно со детето, потрудете се да ги усвои овие поими преку поставување на прашања (на пр. Што е блиску до тебе, а што се наоѓа далеку од тебе? Што се наоѓа блиску до дрвото, а што далеку? или пак на масата или на подот, наместете неколку предмети каде што ќе може детето да ја определи положбата на предметите (На пр. Блиску до мене седи тато или мама, а далеку од мене е мојата играчка) итн.
Како предлог за реализација на активноста, во прилог ви доставувам неколку интересни работни листови, каде што детето ќе може на полесен начин да ги искаже своите знаења за овие математички поими (да раскаже низ серија слики, да означи предмети со различна боичка, да заокружи, да нацрта “блиску до” или “далеку од”…)
Ви посакувам пријатна работна атмосфера.
Подготвил: Воспитувач – Оливера Ѓоревска