Зaпознавање со дувачки музички инструменти – (флејта и саксофон)

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: Зaпознавање со дувачки музички инструменти – (флејта и саксофон)

Цели на активноста:

-Препознавање и именување на инструментите според звукот
-Развивање на музичка меморија

Тек на активноста

Малите деца се многу љубопитни. Тие се отворени за нови искуства, особено ако се представени на привлечен начин.

Музиката – повеќето деца ја сакаат од многу млада возраст. Токму затоа децата треба да се запознаат и со инструментите кои произведуваат музика.

Дувачките инструменти се инструменти кои го произведуваат тонот со дување, обично од устата и белите дробови на свирачот. Дувачките инструменти представуваат една голема и разновидна фамилија. Се разликуваат по облик, материјал, начин на дување и улога. Тие спаѓаат во аерофони инструменти.

На почеток на активноста, објаснете му на вашето дете дека постојат два вида на дувачки инструменти: дрвени и лимени дувачки инструменти.

Денес ќе се запознаете со дрвените дувачки инструменти, во кој спаѓаат:

флејта, обоа, англиски рог, кларинет, саксофон, фагот.

Накратко ќе ве запознаеме со флејтата и саксофонот.

Флејта

Флејтата претставува цела серија на дувачки инструменти, кои постоеле и постојат низ целиот свет. Музичарот кој свири на инструментот флејта, се вика флејтист. Звукот на флејтата настанува како резултат на струењето на воздухот низ отворите. По држењето на инструментот, разликуваме два основни вида не флејти:

-вертикална флејта (блок флејта)

-хоризонтална флејта

Вертикалната или (блок флејта) е дувачки инструмент кој има осум дупчиња, од кои седум се на предната страна и еден од задната страна, која се покрива со палецот од левата рака. Со останатите прсти (без малиот прст), се покриваат горните дупчиња, а со прстите од десната рака, се покриваат долните дупчиња. Десниот палец служи за придржување на флејтата. Тонот се добива – со дување во цевката во дупчето, низ отворот за усни. Дупчињата треба да се сосема затворени за тонот да биде убав и чист. Овој инструмент се свири стоејќи или седејќи исправено, на половина столче. Флејтата има благ и светол звук. Се изработува од различни материјали: коска, дрво, камен, метал, пластика…

Саксофон

Саксофонот е дувачки инструмент, кој е направен од метал. Наречен е според својот градител Адолф Сакс. Саксофонот има усник, на кој има тенка плочка која се вика јазиче – кое се наоѓа на почетокот на инструментот и служи за дување во него и при тоа се произведува звукот. Саксофонот има висок звук.

По изглед е карактеристичен (цевка свиткана во почетокот и завршетокот, со издолжена инка подигната нагоре). Саксофонот се среќава во забавната музика, посебно во џезот.

Во продолжение слушајте ја музиката, со прекрасните звуци на флејтата и саксофонот.

https://streamable.com/edit/lsq70p

Подготвил: Музички педагог – Златица Кратовалиев