Возрасна група: 4 – 5 години
Наслов на активноста: Одредување на положбата на предметите во однос на себе (пред-зад)
Цели на активноста:
*Да се поттикнува способност за користење на математичките поими и операции во опкружувањето
*Да се поттикнува способност, за одредување на положбата на предметите во однос на себе
*Да се развива способност за логичко размислување
Потребен материјал: слика, предмети од опкружувањето, играчки…
Тек на активноста
За да се привлече вниманието и да се поттикне интересот на едно дете за математика, потребно е да се најде креативен начин на кој ќе му се претстави некој одреден поим. Затоа за полесно совладување на математичките релации (пред и зад), ви предлагам да ја искористите приказната:
„Дедото и репката“
На една фарма си живеел еден дедо, кој имал засадено репка. Секој ден дедото се грижел за неа и таа пораснала многу голема. Кога дошло време да ја откорне почнал да влече, но репката не се поместувала. На помош ја повикал бабата. Заедно влечеле но не успеале да ја откорнат репката.
(детето поттикнете го да ви каже – Кој се наоѓа пред бабата и кој се наоѓа зад дедото?) па продолжете со раскажување.
Тогаш на помош бабата и дедото ја повикале внуката, за да им помогне да ја откорнат репката. И така дедото прв, бабата зад него, а зад бабата внуката, влечеле но не успеале да ја откорнат репката.
(повторно поттикнете го на размислување и прашајте го – Кој стои зад бабата, а кој пред внуката?)
Потоа на помош им дошло кучето Шарко и сите заедно се фатиле за работа, но не успеале да ја откорнат големата репка. И така дедото, зад него бабата, зад бабата внуката, зад внуката кучето, влечеле напред, назад, но не ја извадиле репката.
(повторно поттикнете го да размисли и да одговори кој се наоѓа зад внуката)
Откако добро се измачиле, на помош им дошло мачето Мијавко, но повторно не успеале да ја откорнат репката.Тогаш притрчало и глувчето Сивко.
(прашајте го детето – Кој се наоѓа пред, а кој се наоѓа зад Шарко?)
Сите заеднички се помачиле и на крај успеале да ја откорнат големата репка.
Откако ќе му ја раскажете приказната, побарајте од детето самостојно да ја прераскаже. За да утврдите колку детето разбрало за математичката релација пред и зад и ориентирањето во просторот, предложете му неколку игровни активност кои можете да ги изведете во домот:
- Предложете му на детето да застане зад вратата, потоа нека застане пред телевизорот, побарајте да застане пред масата или зад вазната, се со цел успешно да ги совлада поимите пред и зад.
- Можете да му предложите и да подреди неколку предмети едно до друго (кола, топка, кукла, мече, диносаурус) и да именува – Што се наоѓа пред топката, а што зад неа? Што се наѓа пред куклата, а што зад колата? Што се наоѓа пред мечето, а што зад него? Што се наоѓа пред диносаурусот?
Забавувајте се и поминете пријатни моменти со вашето дете.
Подготвил: Воспитувач – Виолета Стефановска